Мандарините спаѓаат во групата на омилени цитрусни овошја на повеќето луѓе и најчесто се јадат во зима. Иако наликуваат на портокалот, тие се две сосема различни сорти на овошје од исто семејство.
Мандарините се помали, помеки, полесни за лупење и послатки од портокалите.
Сепак, и покрај нивната големина, тие не заостануваат во однос на хранливите материи во споредба со портокалите. Содржат околу 85 проценти вода, само 50 калории на 100 грама и изобилуваат со витамин Ц. Само една мандарина може да задоволи дури 43 отсто од дневните потреби на човечкото тело за овој витамин.
Мандарините имаат висока содржина на бета-криптоксантин, антиоксиданс, изобилуваат со калиум, Б-комплекс витамини, односно Б1, Б6 и Б9, калциум. Едноставно кажано, тие се извор на здравје.
Поради изобилството на витамин Ц, мандарините поволно влијаат врз нашиот имунитет, кожата, срцето или на целото тело. Еве што се случува ако секојдневно во организмот внесувате мандарини.
1. Сјајна кожа
Мандарините се богати со витамин Ц, кој ѝ помага на кожата да формира ново сврзно ткиво. Исто така, обезбедува создавање на провитамин А и селен во телото, што го забрзува обновувањето на клетките и го прави тенот свеж, блескав и младешки.
2. Зајакнување на имунитетот и на коските
Витаминот Ц не само што е корисен за кожата, туку и го зајакнува имунитетот, што е особено важно во зима кога организмот се бори со голем број вируси. Исто така, спречува болести и го подобрува расположението. Ова овошје содржи и мала количина на калциум, кој ги зајакнува коските.
3. Идеални за слабеење
Мандарините се идеални за ужина, особено ако сакате да изгубите тежина. Содржат само 50 калории на 100 грама. Исто така, тие под кората имаат бела мембрана која повеќето луѓе ја отстрануваат, иако не треба. Имено, таа мембрана содржи соединенија кои го поттикнуваат согорувањето на мастите, па затоа мандарините помагаат и при слабеење.
4. Го штити срцето
Антиоксидансите во мандарините, како и калиумот, можат да го подобрат здравјето на срцето и да ги намалат ризик-факторите за срцеви заболувања.
Мандарините ја подобруваат функцијата на крвните садови, го намалуваат нивото на триглицеридите и лошиот холестерол во крвта. На овој начин се намалува ризикот од атеросклероза, односно стеснување на артериите предизвикани од таложење на маснотии, што е најчеста причина за срцеви заболувања.
5. Внимавајте со количината
Иако се исклучително здрави, експертите предупредуваат дека не треба да се претера со јадењето мандарини. Препорачаната доза е до 7 парчиња дневно. Премногу витамин Ц може да доведе до проблеми со желудникот и варењето, односно може да доведе до дијареја.