X
 22.04.2021 Здравје

Зошто сѐ повеќе земји ја купуваат руската вакцина против Ковид-19?

Кога претседателот на Русија, Владимир Путин, во август минатата година објави дека ја одобрија првата вакцина против Ковид-19, многумина беа скептични бидејќи не беа завршени клиничките тестирања. Но во февруари оваа година резултатите од третата фаза на клиничките тестирања на вакцината покажаа дека таа има стапка на ефикасност од 91,6%. Дури и списанието „Лансет“ објави дека „Спутник V“ е уште една вакцина што се вклучува во борбата против Ковид-19.

Денес, сè повеќе држави ја купуваат руската вакцина од повеќе причини. Оваа вакцина функционира на сличен начин како онаа на „Астра зенека“, односно користи безопасен вирус за да го запознае имунолошкиот систем со генскиот материјал од вирусот што ја предизвикува болеста Ковид-19.


Фото: Pixabay

Вакцината била создадена од националниот истражувачки институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, кој претходно работел на вакцини за ебола и МЕРС.

Полесна дистрибуција и пониска цена

„Спутник V“ има предности кога станува збор за дистрибуцијата. Таа е една од најевтините вакцини против Ковид-19 - 10 долари за доза, пишува „Конверзејшн“. Со тоа таа е подостапна за повеќе држави со финансиски проблеми.

Оваа вакцина може да се чува и во замрзнувачи што се користат во домаќинството, а се работи и на верзија што ќе може да се чува во обичен фрижидер. Постои и верзија од вакцината во прав.

Овие карактеристики, кои на почетокот имале цел да го олеснат доставувањето на вакцини во изолираните предели на Русија, сега ги привлекуваат земјите низ светот.

Истовремено, многу други фармацевтски компании што имаат вакцина против Ковид-19 имаат проблеми со дистрибуцијата, а некои, како онаа на „Астра зенека“, се користат само за ограничена група граѓани или воопшто не се користат во некои земји, како Данска. Причината за ова е појавувањето на случаи со згрутчување на крвта по примањето на вакцината на „Астра зенека“.


Фото: Pixabay

Европската агенција за лекови сè уште не ја одобрила руската вакцина, па неколку земји најавиле дека ќе започнат да ја користат откако ќе добие зеленото светло од агенцијата. Меѓу овие земји се и Австрија, Словачка, Чешка и Германија, додека Унгарија веќе ја користи оваа вакцина.

Се зголемува производството

Соодветно, се зголемува производството на вакцината „Спутник V“ низ светот, вклучително и во Јужна Кореја и соседна Србија. Земјите почнуваат да ја произведуваат вакцината за своите пазари, но и за извоз.

Како што се појавуваат случаи со здравствени проблеми поврзани со некои вакцини, така се зголемува побарувачката за вакцините за кои досега не бил забележан ваков случај, а тоа се „Фајзер“, кинеската вакцина од „Синовак“ и „Спутник V“.

Автори: Сара Шифлинг и Лиз Брин
Извор: theconversation.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје