X
 25.07.2024 Живот

Поминале 38 дена во сплав на отворено море: „Си ветивме дека нема да се јадеме еден со друг“

Летото 1972 година, додека патувало низ светот со брод, семејството Робертсон било нападнато од китови убијци. 

Тие со недели пловеле на отворениот Пацифик на мал сплав за спасување, принудени да пијат крв од желка и да убиваат ајкули за да преживеат. На крајот, 38 дена подоцна, биле спасени.

Било 10 часот наутро кога 18-годишниот Даглас Робертсон слушал силен тресок. А потоа уште еден. И уште еден. Нивниот брод „Лукет“, долг 13 метри, бил подигнат од морето.

- Си помислив: Што би можело да е ова? Сигурно сме заринкале - раскажува Даглас, кој погледнал во својот татко и видел дека е во вода до глуждовите.

- Имаше три орки: мајка, татко и бебе. Главата на таткото беше расцепена и обилно крвавеше - раскажува Даглас кога видел дека китот убиец удрил во нивниот брод. Тој се свртел кон својот татко, кој бил во вода до колена. Дури тогаш сфатил што се случило: китовите го нападнале бродот.

Семејството Робертсон испловило 17 месеци пред овој немил настан. Таткото на Даглас, Дугал, бил морски капетан и главен морнар кој ја напуштил трговската морнарица во 50-тите години за да започне поинаков живот. Но, никогаш не го заборавил морето.

На патување тргнале во јануари 1971 година. Ен, најстарата ќерка, имала 18 години. Даглас имал 16, а близнаците Нил и Сенди 11 години.

Првата година од патувањето низ светот била фантастична - од Англија до Португалија, Канарските Острови, Карибите, Бахамите, Мајами, преку Панамскиот Канал и до островите Галапагос. Тие поминале околу шест месеци во Мајами, работејќи за да заработат пари за следниот дел од патувањето. Ана решила да се откаже од пловењето откако се вљубила, но во Панама собрале нов патник - 23-годишниот финансиски аналитичар Робин Вилијамс, кој патувал низ светот. Тој се согласил да плати номинална такса и да ги научи децата англиски и математика за да патува со нив.

Биле на 45-дневно патување до островите Маркеза во јужниот дел на Пацификот кога биле нападнати од китови убијци. Нивниот брод брзо тонел. Имале само гумен чамец и сплав што им го дало семејството со кое се спријателиле на почетокот од нивното патување. Дугал, горд, тврдоглав човек, на почетокот не сакал да го прифати сплавот. Дури кога нивните пријатели му кажале дека сплавот е за неговото семејство, а не за него, тој се согласил да го земе. Кога токму тој сплав им бил исклучително важен за да преживеат, тој го фрлил во вода не знаејќи ни дали ќе работи.

- Се слушна силен тресок и сплавот почна да се отвора и да се надувува. Сите го гледавме и си рековме: „Фала му на Бога што успеа“ - раскажува Даглас.

Даглас бил преплашен. Мислел дека ќе умре токму тој ден и дека ќе го изедат китовите убијци. Влегол во водата и им помогнал на сите да се качат на сплавот. Потоа китовите си заминале.

Набргу сфатиле колку е безизлезна ситуацијата. Биле на стотици километри од копното, со сплав и потонат брод. Имале резерви на вода и храна за само 10 дена, со минимално јадење и пиење. Но, си ветиле дека и покрај безмилосните услови, нема да се напаѓаат, ниту да ги изедат членовите на своето семејство.

Деновите минувале, секој подолг и понапорен од претходниот. По шест дена, желка скокнала на сплавот. Но, убиството на желката се покажало потешко отколку што очекувале. Двапати се обиделе и двапати желките што се качувале на сплавот успевале да побегнат. Кога дошла третата желка, биле решени да ја задржат. Ја врзале со јаже и ѝ го пресекле грлото за да ѝ ја пијат крвта. Даглас се сеќава дека крвта била силна, но слатка. Мислеле дека можат да преживеат благодарение на таа желка.

- Како што минуваа деновите, сплавот стануваше полош и полош. Рибите имаа направено дупки и влегуваше вода. Имавме рани и не можевме да спиеме бидејќи со градите бевме во вода. Имаше едно суво место на тој сплав и секој од нас можеше да седи таму само еден час - раскажува Даглас.

По три дена, заврнало. Биле многу среќни. Пееле, собирале дождовница, полнеле шишиња. Еликсир на животот. Пиеле колку што можеле. Така врнело околу два дена.

Поминале три, четири, пет недели, а знак за спас немало. Семејството успеало да преживее од суво месо од ајкула и свежата вода од очните јаболка и пршлените на рибата.

- Разговаравме што ќе правиме кога ќе се вратиме дома. Робин рече дека ќе оди да работи во хотел бидејќи не сака никогаш повеќе да биде далеку од храната. Јас реков: „Одам на море“, а мајка ми ми рече: „Па ти си на море“. Мајка ми рече дека сака да се врати на земјоделскиот живот - се присетува Даглас.

Дали мислеле дека ќе преживеат? Не. Би можеле да бидат мртви со следниот бран. Проблем никогаш не била храната, туку водата.

По неколку недели пловење на отворен океан, на 23 јули 1972 година, додека семејството лежерно разговарало за отворање кафуле, Дугал извикал: „Ене брод“. Дугал испукал една ракета откако видел дека бродот не се врти кон нив, а потоа испукал уште една. Подоцна семејството дознало дека морнарите на тој брод, инаку јапонски рибарски брод кој бил на пат кон Панамскиот Канал, мислеле дека се пирати. По втората ракета набљудувачот од јапонскиот брод видел жена со две деца. Сфатил дека не се пирати, туку исчезнати. За 10 минути бродот бил до нив.

- Ни фрлија јаже. Над лакот на сплавот падна валкано, смрдливо јаже и јас го грабнав. Погледнав во него и си реков: „Боже мој, ова јаже му припаѓа на друг свет, свет на кој заборавивме“ - вели Даглас.

По 38 дена беа спасени. Семејството се вратило дома, но бракот на Дугал и Линда веднаш почнал да се распаѓа. Се развеле по една година.

- Мама и тато никогаш не си простија за тоа што му го направија на семејството - раскажува Даглас.

Дугал напишал книга за потонатиот брод, заработувајќи доволно пари за да купи јахта за себе и фарма за Линда. Планирал да го заврши своето патување околу светот, но застанал во Грција и останал таму, живеејќи на свој брод. Робин продолжи да работи во финансии. Близнаците се бореле да се приспособат на секојдневниот живот на училиште. А што се однесува до Даглас, во рок од два месеца ѝ се приклучил на трговската морнарица, каде што останал 10 години пред да стане сметководител.

Извор: The Guardian
Фото: The Guardian
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот