X
 22.05.2026 Живот

Нов лек за слабеење наречен „Годзила“ е најмоќниот третман досега: „Општеството ќе биде на овие лекови засекогаш“

Новиот лек кој го потиснува апетитот и им помага на корисниците да согоруваат повеќе калории е најмоќниот третман за слабеење досега.

Станува збор за ретатрутид, познат и под прекарот „Годзила“, кој влијае врз три различни хормонски рецептори, со што ги надминува лековите „вегови“ и „мунџаро“ .

Според клиничкото испитување, пациентите што земале доза од 12 mg во просек изгубиле повеќе од една четвртина од телесната тежина, поточно 28,3 отсто, за 18 месеци. Моментално најмоќниот одобрен лек за слабеење - „мунџаро“ им помага на корисниците да изгубат околу 20,9 отсто од телесната тежина во текот на 72 недели. Двата лека ги произведува американската фармацевтска компанија „Ели Лили енд компани“. Лековите дејствуваат така што ги имитираат хормоните кои го регулираат апетитот и го забавуваат празнењето на желудникот. Ретатрутидот влијае и врз глукагон и со тоа ја зголемува потрошувачката на енергија, односно му помага на телото да согорува повеќе калории.

- Дебелината е хронична болест, а луѓето што се дебели заслужуваат опции за лекување кои одговараат на сложената биологија на нивната болест. Беше импресивно да се види дека секоја доза ретатрутид резултира со клинички значајно намалување на тежината кај речиси сите учесници, а лицата со поголема дебелина изгубија во просек 30 отсто од телесната тежина во текот на две години - изјави професорката Анија Јастребов, главен истражувач на испитувањето на Медицинскиот факултет „Јејл“.

Ќе добиете пилула на 40 години кога ќе почнете да се дебелеете

Коментирајќи го испитувањето, д-р Сајмон Корк од Универзитетот „Англија Раскин“ истакна дека овие рани резултати ветуваат.

- Брзиот напредок на ефикасните и безбедни лекови за лекување на дебелината треба да се поздрави, но ќе биде потребно време за здравствените системи да им ги понудат овие трендови на оние на кои можат да им помогнат - напомена тој. Несаканите ефекти што се појавиле кај испитаниците главно биле во согласност со испитувањата на другите инјекции за слабеење, вклучувајќи мачнина, дијареја, запек и повраќање.

Хенри Димблби, автор на британската Национална стратегија за исхрана, очекува дека една четвртина од Британците наскоро ќе земаат лекови за слабеење.

- Ќе станеме општество во кое ќе биде можно да избирате каква тежина ќе имате и повеќето луѓе ќе изберат да не бидат дебели или со прекумерна тежина. Всушност, мислам дека ќе завршиме во свет во кој ќе добиете пилула, сакале вие или не. Ќе добиете пилула на 40 години кога ќе почнете да се дебелеете, исто како што добивате статин на 50 години или аспирин, и дека ќе постои комбинација од тоа – општеството ќе биде на тие лекови засекогаш.

Извор: vecernji.hr
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот