X
 29.09.2023 Живот

Во Обединетото Кралство сѐ повеќе работници земаат боледување, а ова се најчестите заболувања

Работниците во Обединетото Кралство моментално земаат повеќе боледувања отколку кога било во последната деценија, покажува истражување.

Вработените, во просек, земале 7,8 дена боледување минатата година, во споредба со 5,8 дена пред пандемијата, открива Институтот за персонал и развој. Порастот е загрижувачки, а причина е стресот, ковид-пандемијата и кризата со трошоците за живот. Овие околности имале големо влијание врз благосостојбата на многу луѓе.

Истражувањето ги анализирало стапките на отсуство од работа во повеќе од 900 организации, што претставува 6,5 милиони вработени и беше спроведено од здравствената компанија „Симплхелт“, која дава амбулантна поддршка.

Истражувањето покажа дека помалите болести се главна причина за краткотрајното отсуство, како и мускулно-скелетните повреди и менталното здравје. Во меѓувреме, повеќе од една третина од организациите објавија дека ковид-19 останува значајна причина за боледување.

Вработените што зеле долгорочно боледување обично го зеле поради ментални здравствени проблеми, како и мускулно-скелетни повреди, рак или мозочен удар.

Промените во работната култура од пандемијата наваму, заедно со кризата за трошоците за живот, предизвикаа некои вработени да бидат под стрес.

Исто така, и работата од дома може да биде проблем за вработените што живеат сами или имаат ограничен социјален контакт. Повеќето анкетирани организации нуделе боледување, додека само половина имале стратегија за подобрување на благосостојбата на персоналот.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот