Здравата телесна тежина се разликува од личност до личност, но се чини дека таа повеќе не е доволен показател за здравјето. Обемот на стомакот може да кажува многу повеќе за здравјето на човекот отколку целокупната телесна тежина, според нов водич објавен од Американското здружение на лица со срцеви заболувања.
Истражување покажало дека зголемениот обем на стомакот може да биде знак за маснотии околу органите во телото, кои може да бидат опасни. За разлика од другиот вид маснотии што се наоѓаат под кожата, маснотиите околу органите го зголемуваат ризикот за срцеви болести, дијабетес тип 2, мозочен удар и висок холестерол.
Фото: Pixabay
Експертите мислат дека овие маснотии се опасни бидејќи создаваат повеќе протеини што ги стеснуваат крвните садови, го зголемуваат крвниот притисок и предизвикуваат воспаление на ткивата и органите. Тие предупредуваат дека луѓето може да имаат маснотии околу органите дури и доколку имаат телесна тежина што се смета за здрава, но и да немаат маснотии околу органи иако имаат зголемена телесна тежина.
Според Центарот за контрола и спречување на болести на САД, жените со обем поголем од 88 центиметри и мажите со обем поголем од 102 центиметри имаат зголемен ризик да имаат маснотии околу органите.
Фото: Pixabay
Вежби за намалување на маснотиите околу органите
Според Американското здружение на лица со срцеви заболувања, најдобра физичка вежба за намалување на обемот на стомакот се аеробичните вежби. Се препорачува 150 минути вежбање неделно, а за аеробично вежбање се сметаат пешачењето, џогирањето, возењето велосипед, качувањето по скали и пливањето.
Со вежбањето е важно и да се има балансирана исхрана богата со овошје, зеленчук и цели зрна, а помалку месо, заситени масти и шеќери.
Извор:
CNN