Во текот на изминатата деценија истражувачите идентификуваа десетици гени што се поврзани со ризик за состојби како биполарно растројство и депресија. Сепак, генетиката може да објасни само мал дел од ризиците за развивање на некоја болест кај некоја личност, поради што истражувачите мора да бараат други фактори што би можеле да придонесат. Нова студија посочува дека загадувањето на воздухот може да е кандидат. Во студијата се наведува дека живеењето во области со слаб квалитет на воздухот е поврзано со зголемен ризик за невропсихичките нарушувања, меѓу кои и биполарно растројство и депресија.
- Ова беше дел од потрагата по еколошки детерминанти на болести - истакна сениор-авторот на студијата, Андреј Ржетски.
Студијата објавена во списанието „ПЛОС Бајолоџи“ додава уште еден дел на листата со штетни последици поврзани со загадувањето на воздухот, која вклучува и кардиоваскуларни болести, предвремено породување, неплодност и деменција.
Тимот разгледувал два сета податоци - еден од САД, во кој биле вклучени 151 милион луѓе, и еден од Данска, во кој биле опфатени 1,4 милион лица. Сетовите имаат различни посилни страни и слабости.
На пример, податоците од САД се многу големи, но вклучуваат само општ квалитет на воздухот на ниво на земја. Податоците од Данска вклучуваат помалку луѓе, но има информации за квалитетот на воздухот на местата на живеење на одредени лица за секој ден од нивното раѓање до нивниот десетти роденден, што им овозможило на истражувачите да ја пресметаат кумулативната изложеност на загаден воздух. Тие податоци потоа биле анализирани заедно со информации за дијагноза на болести од соодветни бази на податоци од двете земји.
Во САД, кај луѓето што живеат во сојузни држави со најслаб квалитет на воздухот било забележано зголемување на стапката на биполарно растројство за 27 отсто и 6-процентно зголемување на стапката на депресија во споредба со оние што живеат во места каде што има најдобар квалитет на воздухот.
Во Данска луѓето што се најизложени на загаден воздух имале речиси 150 отсто повисоки стапки на шизофренија од луѓето што се најмалку изложени. Тие исто така имале повисоки стапки на биполарно растројство (за 29 отсто), психичко нарушување на личноста (за 162 отсто) и депресија (за 50 отсто).
Разликите меѓу двете земји може да се поради погрануларните податоци достапни од Данска. Исто така, може да е и поради генските и културните разлики или поради разликите во менаџментот на околината и здравствената заштита.
Ржетски забележува дека оваа студија е направена со набљудување и дека не може дефинитивно да се каже дека загаденоста на воздухот на некој начин предизвикува психички нарушувања.
Сепак, има биолошки механизми кои ги поврзуваат двете нешта. Загадувачите на воздухот како честички, азот диоксид и озон можат директно да влијаат врз мозокот така што патуваат преку тенката бариера која ги одделува од носната шуплина или индиректно преку влегување во белите дробови и крвотокот. За овие загадувачи се покажа дека предизвикуваат воспаление во мозокот и влијаат врз функцијата на невротрансмитерите, како допамин и серотонин, кои се поврзани со психички
нарушувања.
Ако и идните истражувања продолжат да покажуваат дека има врска меѓу квалитетот на воздухот и психичките растројства, тоа може да отвори нови патишта за лекување. Како и да е, резултатите ја нагласуваат важноста на добриот квалитет на воздухот.
Фото: Pixabay