X
 22.08.2023 Живот

Лозарството и винарството во Македонија, традиција долга многу векови, предизвик за новите генерации

Одгледувањето на виновата лоза и производството на грозје и вино на просторите на Македонија има многувековна традиција. Доказ за тоа се и многубројните археолошки ископини, артефакти и преданија кои укажуваат дека на овие простори виновата лоза го следела развојот на човекот низ просторот и времето, притоа преживувајќи различни биолошки, еколошки и економски промени.

Развојот на лозарството кај нас може да се подели на два периода: период пред појава на филоксерата и период по филоксерата. Во првиот период лозите се одгледувале на сопствен корен, со нискостеблени системи и без конструкција. Во овој период најзастапени биле сортите: станушина, беглерка, охридско бело, охридско црно, лисичина, пловдина и др. Позначајни промени на сортиментот се случуваат за време на Отоманската Империја, кога акцент се става на производството на трпезно грозје. Од позначајните трпезни сорти во овој период се: чауш, црвен и црн валандовски дренок, бело зимско, кончанка и др.

По појавата на филоксерата и уништувањето на лозовите насади следува обнова на лозарството. Првенствено се подигнуваат лозови насади на површините кои биле и пред појавата на филоксерата. Започнува примена на лозни подлоги, лозите се одгледуваат на нискостеблени системи, со густо растојание на садење и без можност за примена на механизирана обработка. Значаен развој се постигнува по Втората светска војна, период кога започнува примена на посовремени системи на одгледување со примена на потпорна конструкција, како и можност за механизирана обработка, проследен и со промена на сортиментот. Во овој период започнува и постојан раст на површините под винова лоза, за кон крајот на XX век истите да се стабилизираат на околу 30 000 ha. 

Во овој период воведени се и сортите кои се застапени до денес, како: вранец, каберне совињон, мерло, бургундец црн, рајнски ризлинг, италијански ризлинг, шардоне, темјаника и многу други.


Проф. д-р Златко Прцуловски

Голем придонес во развојот на лозарството во нашата земја даваат и формираните научни установи, меѓу кои значајна улога и долга традиција има Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје, во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој формира стручни кадри од областа на лозарството и винарството. Во минатото, лозаро-овоштарската насока, денес преточена во насоката овоштарство, лозарство и винарство, претставува една од најстарите насоки на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, низ која профилирале голем број генерации студенти, кои во континуитет заземаат значајна улога во развојот на земјоделските стопанства.

Факултетот со последната акредитација на студиските програми изврши ревизија, усогласување и модернизирање на наставните програми согласно потребите на стопанството, а со единствена цел: стекнување соодветни компетенции на студентите на ФЗНХ.



Така, благодарение на теоретските, лабораториски и теренски активности факултетот овозможува создавање на стручен кадар кој е препознатлив на пазарот на трудот. Голем придонес од оваа година ќе има и новата комплетно опремена Лабораторија за испитување на грозје, вино и алкохолни пијалаци. Ја акредитиравме пред неколку месеци со главна цел продлабочување на соработката со стопанството преку вршење анализа на голем број компоненти во грозјето, виното и јаките алкохолни пијалаци. Од друга страна, нашите студенти ќе бидат во можност да го надградат своето практично знаење и ќе се стекнат со вештини неопходни за изведување лабораториски анализи, со што ќе стекнат искуство и во иднина ќе бидат поподготвени да започнат со работа и ќе придонесат за развој на овој сектор. Токму затоа, по дипломирањето студентите имаат големи можности за вработување, но исто така и за време на студирањето имаат можности за реализација на платена пракса во голем број компании од областа (во последните години при крајот на студиите голем број студенти заминуваат на сезонска работа во винарници и надвор од нашата земја каде што стекнуваат нови искуства). Нашите дипломирани земјоделски инженери лесно се препознаени и во странство, како поради нивниот сериозен пристап кон работата, така и поради фактот дека дипломата за завршени студии на Факултетот за земјоделски науки и храна е меѓународно призната, што ги става нашите кадри во мошне поволна положба кога станува збор за можностите за нивно понатамошно усовршување и професионален развој надвор од границите на нашата земја.


Факултет за земјоделски науки и храна-Скопје

Земјоделско-прехранбениот сектор генерално претставува модерно и технолошки напредно производство кое бара специјализиран кадар. А лозарството и винарството во Македонија имаат долга традиција што секако дека треба да биде предизвик за новите генерации млади. Предизвиците за одржливо производство на храна на глобален план, стратешкото справување со климатските промени кои несомнено го засегаат овој сектор ја прави оваа струка уште поактуелна. Можностите за самовработување со започнување сопствен бизнис, како во делот на примарното производство така и во делот на преработката на грозјето, придонесуваат оваа струка да биде мошне конкурентна и самоодржлива, секако со следење на новите светски трендови и имплементација на паметните технологии, што ќе придонесе во континуитет да се осовременува домашното производство.

Автор: проф. д-р Златко Прцуловски, доцент на Факултетот за земјоделски науки и храна
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот