Ноќното слепило (никталопија) се дефинира како неможност да се приспособи видот на темнина. Луѓето што страдаат од ноќно слепило можат добро да гледаат во текот на денот, но проблемите се јавуваат навечер или во услови на слаба осветленост. Овој проблем со очите често се среќава и при некоригирана миопија.
Како се манифестира ноќното слепило?
Никталопијата може да биде вродена неспособност за приспособување на видот на темнината, последица на повреда, миопија, недостиг на витамин А. Се манифестира со нејасен, заматен поглед на уличните светла, лоша адаптација на видот кон темнината, но и заслепеност кога гледате директно во силни светла. Состојбата понекогаш може да биде голем проблем за возачите. На окото му треба повеќе време да се приспособи на преминот од темно на светло и обратно.
- Отежнатиот вид може да се случи и во домашни услови. Кога светлото е исклучено, на заболените од никталопија им е потешко да се приспособат на темнината. Се случува човек да удри во парче мебел или да се сопне и да се повреди - вели д-р Изабел Дикинс од Институтот за око и уво при „Харвард“.
Состојбата може да биде последица на катаракта или глауком
Лекарите наведуваат дека ноќното слепило е првенствено болест на мрежницата, која влијае врз фоторецепторите одговорни за ноќниот и периферниот вид. Можно е никталопијата да се појави како резултат на катаракта и глауком, а постои можност со текот на времето да дојде до губење на периферниот вид.
Како доаѓа до ноќно слепило?
Ретината се наоѓа на задниот дел на окото, таа прима светлосни дразби и ги претвора во нервни електрични импулси кои се испраќаат до мозокот. Во мрежницата, хемиските и електричните процеси пренесуваат импулси преку оптичкиот нерв до мозокот и на тој начин ја обликуваат сликата, односно она што го гледаме.
Ирисот е обоениот дел од окото што ја опкружува зеницата, преку кој светлината поминува до задниот дел на окото. Во ирисот има два мускули - сфинктерот кој ја стеснува зеницата и го ограничува количеството на светлина што може да влезе во окото и да патува низ леќата до мрежницата. Дилататорот е уште еден мускул кој ги проширува зениците кога има помалку светлина и се обидува да го зголеми протокот на светлина во окото. Кога зеницата се шири, ирисот се собира, и обратно, кога зеницата се стеснува, ирисот се шири.
Кога поради некоја причина зениците реагираат неправилно, се случува зениците да се шират многу и да навлезе премногу светлина, па се појавува чувствителност на окото на светлина, па така можно е зениците да се шират недоволно и да бидат премали, да не пропуштаат доволно светлина и да имаат слаб вид во темни услови.
Извор:
Eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik