X
 22.12.2020 Здравје

Отворено писмо од група приватни специјализанти до Заев и Филипче

Писмото ви го пренесуваме во целост:

Јавно писмо

До:
- Господин Зоран Заев, претседател на Влада на РС Македонија.
- Доц. д-р Венко Филипче, министер за здравство на РС Македонија.

Почитувани г. Зоран Заев и доц. д-р Венко Филипче, ние, групата на приватни специјализанти при Медицинскиот факултет во Скопје, го пишуваме ова јавно писмо до вас со цел надминување и решавање на нашите проблеми и барања. Затоа сакаме јавно да ве повикаме, и јавно да ги објавиме нашите барања од круцијален карактер:

1. Здравствено осигурување за сите приватни специјализанти при Медицинскиот факултет - Скопје, поради што не е дозволиво во текот на една од најстрашната светска пандемија во 21 век, а веќе во најава и нова светска пандемија од мутиран вирус, дел од медицинскиот персонал што работи по ковид-центрите на Универзитетските клиники да биде здравствено неосигуран.

2. Платени дежурства за сите специјализанти, зашто само во нехумани и експлоатирачки услови работодавецот (во овој случај Министерството) го условува работникот (во овој случај специјализантот) на работа во тек од 24 часа, а притоа да не добие никаков финансиски надоместок за тоа.

3. Покачување на основната базична плата од 26.000 денари, на 32.000 денари на месечно ниво, бидејќи во текот на изминатите 3 години сиот медицински персонал што е под државна капа доби покачување на плата од политиката предводена од вас, a само ние како приватни специјализанти не добивме ниту денар покачување.

4. Покривање на дел или целата сума од трошоците за специјализација за изминатиот летен и за претстојниот зимски семестар 2020 година, поради тоа што иако нашата едукација на Универзитетските клиники беше сведена на 0 и во еден период сите државни специјализанти беа повлечени по матичните установи, ние, приватните специјализанти, овозможивме услови за непречена работа на Универзитетските клиники.
Затоа, ние, група приватни специјализанти при Медицински факултет - Скопје, ви се обраќаме вам со нашите барања, кои ни следуваат. Бидејќи ние во ниту еден момент не одбивме работа од каков било карактер и несебично ги жртвуваме нашите млади животи во хумани цели и во името на медицината во текот на целата оваа тешка година. Затоа бараме што побрзо одржување работна средба со цел да се изнајадат соодветни решенија на постојните проблеми и барања.

Група на приватни специјализанти при Медицински факултет – Скопје.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје