X
 16.04.2024 Наша тема

Приватните специјализанти повеќе од осум месеци бараат да им се решат проблемите: „Не е само платата мала, немаме здравствено, ниту пак еднакви услови при вработување“

Приватните специјализанти нема да го прекинат генералниот штрајк сѐ додека не ја дочекаат информацијата од Владата во писмена форма дека се прифатени нивните барања за зголемување на надоместокот и за целосно решавање на нивниот статус во здравството.

Ветувањето дека Владата ќе им даде позитивен одговор на барањето им е пренесено по средбата со министерот за здравство Илир Демири, заменик-министерката за здравство Маја Манолева и Ана Данева-Маркова, советник на премиерот за здравствени прашања.

- Бевме повикани во Владата да разговараме за генералниот штрајк, но не извлековме конкретен заклучок. Решивме да ја почекаме денешната седница на Влада, на која министерот би изнел некакви заклучоци во однос на покачувањето на платите.

Штрајкот не е прекинат сѐ додека не видиме некакви писмени гаранции од страна на Владата дека својата интенција да ги покачи платите ќе ја реализира материјално по изборниот процес. Камен на сопнување беше што претставниците од Министерството за здравство и Владата го цитираа Законот за избори и тоа ги спречува да дадат покачување.

Ние понудивме две решенија, Владата да се обрати до Антикорупциска комисија бидејќи со нејзино одобрување покачувањето може да се имплементира и не гледаме причина зошто Владата не би побарала мислење од ДКСК затоа што се работи за егзистенцијата на 400 лекари.
Вториот модалитет беше да се донесе информација на Влада која би важела постизборно, се надеваме дека нашите заклучоци ќе бидат пренесени на Влада – рече за „Факултети.мк“ претседателката на Здружението на лекари специјализанти, д-р Александра Ѓеоргиева.

Министерот за здравство претходно побара трпение од приватните специјализанти и најави дека по изборите ќе се избори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.



Ѓеоргиева истакна дека по обидот за дискредитација на специјализантите дека се политички мотивирани, од страна на министерот за здравство, Здружението јавно демантира дека зад штрајкот не стои никаква политичка заднина, ниту политичка партија.

- Бидејќи имаше прашање за политизација на штрајкот, ние би сакале да ги демантираме обвинувањата дека има каква било политизација и дека 400 специјализанти се прилично хетерогена група. Станува збор за повозрасни и помлади индивидуи, различен етникум и религија и не гледам како некој политички субјект би ги врзал сите тие луѓе бидејќи денес ефективно ниту еден специјализант не беше на своето работно место. Разбираме дека периодот е сензитивен за власта, но ние повеќе од осум месеци апелираме да се реши овој проблем - објасни Ѓеоргиева.

Специјализантите бараат покачување од 26.000 денари на 44.000 денари колку што изнесува просечна плата на лекар во моментов во Македонија. Исто така, тие бараат да имаат здравствено и пензиско осигурување како и сите вработени во земјава.

Здружението на лекари специјализанти смета дека трајното решавање е во трансформација на договорите, сите приватни специјализанти да станат државни специјализанти и реформирање на моделот на приватни специјализации. Државните специјализанти се вработени редовно, имаат основна плата од 44.000 денари, пензиски стаж и платени дежурства.

- Во моментов приватни специјализации се отвораат според слободни менторски места. Тоа значи ако на Клиниката за гинекологија има 20 слободни места, тие ќе распишат 40 слободни места без разлика дали има или нема потреба за гинеколози. Тоа прави хиперпродукција на кадар, им паѓа цената на колегите во приватното здравство и, од друга страна, специјализантите не можат да се вработат во државно здравство бидејќи клиниките за гинекологија се преполни со кадар.
Таа политика е штетна, приватни специјализации не постојат никаде во светот освен во Македонија, Албанија и Косово. Едноставно државата треба да ги мапира потребите колку кардиолози, анестезиолози, гинеколози ни требаат и потоа се распишува државна специјализација на институцијата каде што е потребен таков кадар. Колегите аплицираат, добиваат работно место и потоа добиваат специјализација. Од една страна, државата ќе има корист бидејќи ќе ја наполни мрежата во здравство не само во Скопје, туку во цела држава, а од друга страна, нема да ги остави колегите без егзистенција - објасни младата специјализантка.

Лекарите специјализанти демантираат дека приватните специјализанти биле приватни затоа што сакале да ја одбираат специјализацијата.

- Тоа не е вистина, тие лекари аплицирале повеќе пати и не добиле шанса да се вработат. Имаме проблем во системот и начинот на вработување. Затоа баравме измена на Законот на здравствена заштита во делот за критериумите за вработување, затоа што во моментов годината на специјализација не носи бодови.
Ако една клиника во терцијарно здравство распише конкурс и доколку се јави општ лекар кој не поминал ниту една година на специјализација и аплицира колега кој е шеста година, еден месец пред да стане специјалист, не се зема предвид тоа во рангирањето. Нонсенс е, гледаме ранг-листи каде што општиот лекар е рангиран пред колегата на специјализација. Тоа не е возможно, најлошиот специјализант мора да има подобри познавања во дадена област отколку општ лекар и затоа се потребни реформи - заклучи Ѓеоргиева.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема