X
 23.02.2019 Наша тема

Како од 3 квадрати камен се прави ремек-дело? Од уметноста може да се живее, вели Соња Самарџиева, која девет години твори во Фиренца

Соња ги комплетира последните чекори од нејзината магистратура по вајарство, твори на нејзините три квадрати на улицата „Калимала 5“ и ја живее уметноста на Италија



Фиренца беше случајност. Некогаш се наоѓаш на вистинско место во вистинско време, па така и јас. Еден ден додека бев на час по вајарство во трета година во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, дојде еден студент да го посети мојот професор раскажувајќи му за неговите студии во Фиренца. Го слушнав, се заинтересирав и по една година бев во Фиренца.

Девет години подоцна, Соња Самарџиева сè уште е во Фиренца. Ги комплетира последните чекори од нејзината магистратура по вајарство, твори на нејзините три квадрати на улицата „Калимала 5“ и ја живее уметноста на Италија, нешто за што сонувала уште од мала. Споредба со Македонија, кога се работи за образованието, вели дека тешко може да направи, но сеедно е каде си ако знаеш да ги искористиш шансите. Сепак, од стипендијата во Италија може да се живее.



- За образованието не знам колку сум компетентна затоа што за да направам споредба, треба на своја кожа да почувствувам како е да се студира во Македонија. Можам да кажам само дека има една голема разлика во студирањето затоа што италијанската држава доделува добри стипендии и секој може со нејзина помош да се образова и да напредува, додека во Македонија стипендијата покрива многу мал дел од трошоците на студентите. Друга разлика е тоа што Фиренца е преплавена со културни настани, музеи и историја која се вдишува на секој агол, па тоа дополнително придонесува многу за уметничкиот развој. Финансискиот развој јас го гледам како труд и волја за работа на секој поединец. Без разлика на географската положба, сè зависи од нас самите, можностите се насекаде - вели Самарџиева.



Уметност на три квадрати

Пред една и пол година првпат во Македонија направи перформанс на улична уметност на „Тиквешки гроздобер“.
Оваа наша уметница ги споила животната желба, задоволството и работата, и во резултатот го нашла и егзистенцијалниот момент, побивајќи многумина дека од уметност не може да се живее.

- Станувам во 8 часот. По утринското кафе тргнувам на работа. Мојата „канцеларија“ се наоѓа на улицата „Калимала 5“. Имам три квадратни метри од улицата каде што сликам. Зависно од временските услови, мојот работен ден може да трае од 10 наутро до полноќ или порано - вели Самарџиева.



Творењето на улица или street art, додава таа, знае да биде забавно, исполнето со многу прашања од туристите кои гледаат додека се црта на тие три квадрати плочник и со уште повеќе интересни одговори за оваа традиционална италијанска уметност - Arte dei madonnari. Уште поголем порив, според Самарџиева, доаѓа од децата кои сакаат да земат креда в рака и да сликаат.

- Има моменти кога минувачите се толку восхитени, што остануваат со отворена уста до сликите, момeнти кога со разни телевизии снимаме видеа и интервјуа и контактираме со луѓе што се заинтересирани за соработка откако го виделе она што лежи врз каменот... - ни раскажа Самарџиева и додава дека вообичаено уметниците на нејзината улица работат еден до друг, на мало растојание, што е прекрасна можност за дружење и заедничка забава не само додека се работи, туку и за време на паузите, зашто сепак сликањето не може да трае 14 часа без пауза.

- Така, оброците ни се заеднички, а пријателите се добредојдени. До крајот на денот сликата е комплетирана. На крајот од денот насликаното го бришеме, а просторот се остава чист и уреден за нов ден и ново дело - вели Соња.



За неа секое ново дело е ново оживување на идејата на уметникот, придвижено од талентот и од инспирацијата.

- Работата на одредено дело значи оживување на идејата на уметникот, но истовремено талентот и инспирацијата се основните движечки сили што на делото му даваат форма, убавина и живот. Така е и со однапред нарачани дела, кај кои се знае текот на работата, но и во едно такво дело треба целосно да се проникне во мотивот. Кога работам на дела лично за мене, инспирацијата варира зависно од моето моментално расположение, иако портретот е најзастапен мотив во моите креации - објаснува нашата соговорничка.



Покрај мотивите, меѓу најчестите нарачки ѝ се и религиозните мотиви, но работи и на декорации во ресторани, вили, свадби, слики со фиорентинската архитектура, балет...
Но, не оди сè на продажба. Вели дека има работи како слики, скулптури и уникатен накит кои себично ќе ги чува само за себе.



Ремек-дело за кратко време

Ова работа ја исполнува, ѝ ги полни батериите. А кога на сето тоа ќе се додадат и позитивната енергија, незаборавните моменти со добро друштво и добро вино, па уште и патувањата со весели ликови кои ја опкружуваат, сликата за една идила е комплетна.

- Морам да го споменам татко ми Димитар Самарџиев, кој е виновен за мојот интерес за уметноста од многу мала возраст, кога постојано ја набљудував неговата работа. Можеби да ги немав гените, немаше да почнам со ова, но и да се родам уште еднаш, не би ја менувала мојата професија. Во неа им се восхитувам на многу уметници, сите многу различни, а ниеден не ме остава рамнодушна. Некои од нив се Медардо Росо, Џакомети Френсис Бекон, Егон Шиле, Климт, Виторио Коркоз, Муша, Едгар Дега, Мазев, Митриќески... и се разбира Микеланџело и Леонардо да Винчи. Од семејството имам постојана поддршка и за студирањето и за работата - вели Самарџиева.

Соња студира вајарство, но нејзина љубов е уличната уметност, street art, која првпат ја видела токму во Фиренца и не можела да остане рамнодушна на восхитот кога уметникот од парче камен прави ремек-дело.
- Се восхитував на тоа што некој може парче камен да го претвори во ремек-дело за толку кратко време, и секако тоа стана предизвик и за мене. Моето искуство со сликање дотогаш беше мало бидејќи учев вајарство и во средно. Имав голема морална поддршка и помош од колегите за усовршување на техниката, а постојаната практика и труд одиграа најзначајна улога - вели Самарџиева.



Сето тоа ја носело постојно во нови истражувања, меѓу кои се и фестивалите за улична уметност, на кои учествува без оглед каде се одржуваат и каде уметниците го оставаат својот печат.
- Мој печат оставам и јас како претставник на Македонија и сум презадоволна со тоа искуство - вели Соња.

На нејзината Фејсбук страна може да ги погледнете сите нејзини дела:
https://www.facebook.com/florenceartbysonja/
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема