Научници од Технолошкиот институт во Карлсруе развија сосема нов метод на рециклирање на батериите, со кој може да се врати и до 70 отсто од литиумот без корозивни хемикалии, високи температури или некое посебно сортирање на материјалот.
Литиум-јонските батерии се присутни насекаде. Тие не се користат само во лаптопите, телефоните, конзолите или другите мали уреди, туку се и еден од најважните делови во сѐ поголемиот сектор на електрична мобилност. Сѐ поголемата употреба на овие батерии значи дека е неопходно да се пронајдат евтини и еколошки одржливи методи на рециклирање.
Моментално од рециклираните батерии главно се враќаат никелот и кобалтот, бакарот и алуминиумот, но и челикот, бидејќи враќањето на литиумот сѐ уште е скапо и не е многу исплатливо, а постојните методи трошат многу енергија и/или создаваат опасни нуспроизводи. За разлика од ова, механичко-хемиските пристапи како новиот ветуваат подобри резултати.
Иако Меѓународната агенција за енергија предвидува зголемување на побарувачката за литиум и до 40 пати до 2040 година, проблемите поврзани со производството и експлоатацијата ги мотивираат експертите да бараат алтернатива.
Негативното влијание на рударството врз животната средина и нерегулираните услови за работа во некои земји се причини за судир меѓу тамошните заедници и корпорациите кои профитираат од експлоатацијата на металите. Иако ова не е алтернатива за користењето литиум во батериите, секако е чекор во добра насока.
Научниците користат алуминиум како редукционо средство во механичко-хемиска реакција, а поради тоа што алуминиумот веќе се содржи во катодата, не се потребни дополнителни супстанции.
Методот функционира на следниот начин: отпадот се меле, а потоа реагира со алуминиумот до метални композити од соединенијата на литиумот растворливи во вода.
Литиумот се враќа со растворање на овие соединенија во вода и понатамошно загревање за да испари водата. Поради тоа што реакцијата се одвива на собна температура и притисок, таа е многу енергетски ефикасна.
Уште една предност е едноставноста, која ќе ја олесни употребата во индустриски размери бидејќи големи количини од батериите во блиска иднина ќе мора да се рециклираат. Тоа значи помалку отпад и без штетни нуспојави.
Извор:
Benchmark