X
 23.09.2020 Здравје

Корисничка на „Твитер“ го побива погрешното претставување на опсесивно-компулсивното нарушување

Опсесивно-компулсивното нарушување (ОКН) е една од здравствените состојби што најчесто се прикажувани во популарната култура. За жал, нарушувањето најчесто се прикажува како симпатично, но за луѓето што живеат со него воопшто не е така.

Опсесивно-компулсивното нарушување не е шега. Луѓето не го сметаат за сериозна состојба поради неговото погрешно претставување во сериите и филмовите. Една корисничка на „Твитер“ реши да зборува на оваа тема и напиша повеќе објави во кои објаснува како погрешното претставување на нарушувањето во популарната култура влијае врз оние што живеат со него.


Фото: Freepik

Шира објаснува дека опсесивно-компулсивното нарушување е најлошото нешто што ѝ се случило и не би посакала дури ни нејзините најлоши непријатели да го имаат. Како што вели, како кога во главата ви се врти песна, но наместо песна, тоа е компилација од вашите најлоши стравови.

Мислите на лицата со ОКН не одговараат со вредностите во кои верува индивидуата.

- Што ако случајно го отрујам семејството? Што ако го земам ножот и му го забодам во грб на мојот партнер? Што ако паднам во бездна со автомобилот? - пишува таа.

Ваквите мисли не може да се споделат со секого бидејќи другите може да гледаат на вашите најголеми стравови како на намери, додава Шира. Поривите се обиди за ослободување на мислите поврзани со стравот. На пример, се плашите да не се разболите, па ги миете рацете, но овие пориви само ја влошуваат состојбата.

Криењето на овие пориви во јавноста е тешко, па често се прават изговори, а тоа изморува. Некои луѓе поминуваат децении без да добијат дијагноза бидејќи е тешко да се зборува за симптомите на ОКН. Нарушувањето може да доведе и до депресија бидејќи го поминувате цел ден мислејќи на некој страв наместо да го живеете животот.

- ОКН не е слатко. Не е ексцентрично. ОКН не е Моника од „Пријатели“ - пишува Шира.



Автори: Лајма Стасиулионите и Неринга Утараите
Извор: boredpanda.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје