X
 23.11.2019 Живот

Зошто Европејците во средниот век спиеле во кутии-кревети?

Креветот денес често го сфаќаме здраво за готово. Меѓутоа, тоа парче мебел има многу интересна историја.

Во поголемиот дел од историјата приватноста во текот на спиењето била невозможна мисија. Многу сиромашни фамилии живееле во мали куќи со само една до две соби, од кои поголемата била спална, а другата дневна што ја користеле сите, вклучително и гостите. Дури и во поголемите домови и во палатите не било невообичаено сите да спијат во иста просторија. Кога кралот Хенри V ја угостил Кетрин од Валоа, со неа во собата биле и неговиот надзорник и виш дворски службеник. Во такви околности завесите за кревет овозможувале малку интимност. Но, доколку некој сакал вистинска приватност, морал да спие во кутија-кревет.

Во многу рурални домови низ Шкотска, Франција и некои делови на Холандија и Велика Британија луѓето спиеле во кутии-кревети, кои во основа биле големи дрвени ормани со врати и кревет внатре. Некои такви кревети биле составен дел од мебелот, додека други биле вградувани во вдлабнатините и прицврстувани за структурата на куќата. Наместо врати, некои биле опремени со завеси, кои кога ќе се навлечеле создавале убава и удобна полуприватна кабина. Освен приватност, малиот затворен простор за спиење исто така одржувал топлина во текот на зимата. Исто така, можно е креветите да овозможувале одреден степен на заштита од несакани гости, особено волци и други животни, кои можеле да влезат во куќите.

Според Енциклопедијата за архитектура и мебел на викендици, селски имоти и вили, која првпат била објавена во 1893 година, многу кутии-кревети имале полици, а некогаш и две, прицврстени за внатрешната страна на креветот, веднаш над постелнината. Понекогаш имало и полици на задниот дел од креветот, така што ова парче мебел не служело само како кревет, туку и како гардеробер и место за чување постелнина.

Кутија-креветот на крајот станал модерно парче мебел кое сè почесто можело да се види и во домовите на богатите фамилии.

На почетокот на 19 век кутиите полека почнале да исчезнуваат од употреба, пред сè, поради сè поголемите грижи околу хигиенските услови и застоениот воздух. Сепак, во многу делови на Шкотска биле во употреба и во текот на 20 век.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот