X
 24.07.2018 Живот

Психологија на поседувањето

Вилијам Џејмс, aмерикански филозоф и психолог од 19 век, еднаш рекол: „Човекот е збир на сето она што може да го нарече свое“. Вистина е дека човечкиот идентитет е многу пофлуиден отколку што мислиме и дека често е тешко да се фати, особено затоа што тоа што сме го обликуваат и другите луѓе, надворешните настани и сложените внатрешни процеси.

А што е со материјалната страна на оваа приказна? Зошто често ги доживуваме нештата како продолжение на нашиот сопствен идентитет?

Врска што ја градиме со нештата

Луѓето се врзуваат со нештата што ги поседуваат, без разлика дали тоа е облека, мебел, уметност, украси или технолошки уреди. Секој предмет што го сметаме за лична сопственост, а ни е драг, добива на вредност затоа што во него ги вложуваме своите чувства.

Интересно е што нашата врска со нештата почнува уште од мали нозе. Жан Пијаже, швајцарски психолог, најпознат по својата теорија за когнитивен развој, забележал дека дури и новороденчињата покажуваат склоност кон поседување одредени предмети. Во толку ран период најчесто станува збор за омилени играчки од кои не се одделуваат толку лесно. Едно истражување од 2008 година покажа дека децата кои штотуку прооделе повеќе ги ценат своите лични предмети отколку идентичните реплики на тие предмети. Дури и идејата дома да си ја понесат копијата наместо својот оригинал ги преплашува.

Во периодот на адолесценција различни предмети добиваат вредност на симбол на иницијација и за нив луѓето посебно се врзуваат. Тука може да станува збор за самостојно избрана облека со која се искажува став или припадност кон одредена социјална група, или за купување на првиот автомобил.

Емотивната вредност на предметот ја надминува паричната низ целиот живот на човекот. Да ја земеме како пример следната хипотетичка ситуација: од дедо ви наследивте рачен часовник. Објективно гледано тој не вреди многу. Меѓутоа, тој има речиси магична вредност за вас бидејќи тоа е предмет кој некогаш го поседувала личност што ви била блиска и сега ве потсетува на убавите моменти поминати со таа личност.

Статусен симбол и креативно изразување на идентитетот и личните вредности

Предметите што луѓето сакаат да ги поседуваат неретко се во функција на статусни симболи. Што ќе биде статусен симбол, многу зависи од културата за која станува збор, но во контекст на модерната западна цивилизација најчесто станува збор за некој вид луксузна стока која функционира како индикатор за економската моќ. Тоа може да бидат скапоцени автомобили, јахти или голем имот, или, пак, луксузни предмети со премиум квалитет од познат бренд.

Покрај тоа, со купувањето одредени предмети луѓето воспоставуваат контрола над сопствената репутација и имиџ бидејќи преку нив комуницираат за тоа кои се и какви вредности имаат. Брендовите што знаат до која мера е во фокус индивидуализмот во денешно време се трудат на потрошувачите да им дадат можност да ги персонализираат своите производи и да ги направат уште посвои. Најдобар пример за тоа се „Најк“ и „Епл“, кои своите производи ги направија симбол за одреден животен стил.

Така, кај купувачите се создава чувство дека со поседувањето спортска опрема веќе ги остваруваат своите цели во рамките на потрагата по поздрав живот. Науката покажа дека постои посебен психолошки ефект (т.н. enclothed cognition), кој се јавува кога ќе облечеме одреден вид облека и кој всушност влијае врз нашата подготвеност да тренираме или да извршиме некоја задача што е пред нас. Кога станува збор за брендот „Епл“, купувачите често (свесно или несвесно) се занесуваат дека со тоа што вложуваат во компјутер од најновата генерација и со префинет дизајн се на половина пат да започнат свој бизнис и да реализираат идеја која ќе го промени светот. „Епл“ е бренд кој ја обележа дигиталната ера и генерацијата на милениумците и со купувањето на неговите производи се искажува и социјална припадност.

Кога станува збор за психологијата на поседувањето, Јапонија е многу интересен пример. Земјата на Изгрејсонцето е позната по становите со мали димензии и по минималистичкото движење кога станува збор за дизајн на ентериер. Сепак, јапонската нација е опседната со технологијата и луѓето се опседнати со поседување на нештата. Интересно е колку ова е присутно во нивната култура и секојдневие. Земете го примерот со пушачите: од 2014 година во Јапонија е достапен IQOS, уред за консумирање тутун, кој е неверојатно популарен. Постојат различни прогнози дека тој ќе ги замени цигарите во земјата која е светски позната по технолошките изуми и пријателскиот и отворен однос кон роботите и вештачката интелигенција. Значи, иако личниот простор им е ослободен од вишок предмети, личните предмети сепак ги соопштуваат вредностите зад кои стојат.

Темната страна на материјализмот

Прилично е јасно дека живееме во свет на материјализам, но исто така е премногу поедноставено да се каже дека само се обидуваме со пари да купиме среќа или дека сме заробени во своите потрошувачки улоги. Врската што ја имаме со нештата е сложена и слоевита, а со оглед на тоа дека ја имаме уште од мали нозе (дури и пред свесната фаза во когнитивниот развој), не можеме да кажеме дека потребата за поседување целосно е конструкција на општеството. Еден дел е вроден и е дел од човековата природа.

Но, што кога потребата за поседување излегува од контрола и ги преминува границите на она што би можеле да го наречеме „нормално“?

Во светот каде што купувањето стана толку вообичаено и каде што рекламите ни излегуваат од секоја страна постои реален ризик да заборавиме на другите вредности што се поважни и нѐ прават среќни (како што се самите искуства, а не материјалните предмети) и целосно да се изгубиме во бесмисленото трошење пари. Неретко нештата што ги купуваме се само облик на компензација за недостигот на радост или љубов, а во таквите ситуации тие ни носат само краткорочна среќа.

Нездравата поврзаност со нештата што ги поседуваме може да се претвори во сериозен проблем на трупање предмети кои не се функционални и кои реално не ни се потребни. Станува збор за компулсивно нарушување кое е тесно поврзано со анксиозноста и со подлабоките проблеми што се потиснуваат. Лицата што го имаат овој проблем се емотивно поврзани за тие предмети, најчесто добиваат напади на паника при помислата дека би требало да се ослободат од нив. Обично се чувствуваат помирни и побезбедни со нив и веруваат дека ќе им бидат потребни и во иднина. Лекувањето е можно со поддршка од стручни лица, психолог или психотерапевт.

Дали и вие имате одредени предмети за кои сте поврзани и на кој начин тие го одразуваат вашиот идентитет?
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот