Пред точно 100 години бил роден еден од најголемите психолози и истражувачи на генијалноста на креативноста, Френк Барон. Тој починал во 2002 година и зад себе оставил значајни истражувања. Резултатите од истражувањата што ги спровел во текот на 50-тите и 60-тите години се темел за сите подоцнежни истражувања за генијалноста и креативноста.
Барон влегол во историјата бидејќи успеал на едно место, во една куќа во Калифорнија, да собере повеќе генијални креативци од областа на архитектурата, книжевноста, бизнисот, математиката, физиката и други науки. Тој успеал да ги собере на неколку дена и да ги тестира за да открие кои се нивните заеднички карактеристики. Меѓу другите, во куќата биле и авторите Труман Капоти, Карлос Вилијамс и Френк Оконор.
Кои се заклучоците од истражувањето?
- Креативните лица се истовремено многу примитивни и многу култивирани, многу деструктивни, луди, но имаат и повеќе здрав разум од просечниот човек - напишал Барон за време на истражувањето.
Фото: Pixabay
Тој заклучил и дека исклучително креативните учесници се покажале како невротичари, но имале и силно его кое им овозможувало својата патологија да ја насочат на работата. Истовремено, сите покажале тенденција да ризикуваат наместо да уживаат во удобноста.
Барон утврдил и дека креативниот напредок барал поднесување на неред, но овие лица имале желба од хаос да направат ред. Едно од најзначајните откритија на истражувањето на Барон е односот на интелигенцијата и креативното размислување. Тој заклучил дека интелигенцијата има мала улога во креативноста и дека висок коефициент на интелигенција не значи и висока креативност.
Според него, заедничките карактеристики на сите креативци се:
- отвореност и интерес за внатрешниот, личен живот;
- неверојатно ниво на толеранција на неред и хаос;
- способност да се воведе ред и систематизација во тој неред;
- изразена независност;
- неконвенционалност;
- желба и волја да се преземаат ризици.
Истражувањето донело и интересни, но и збунувачки резултати поврзани со менталното здравје на креативните луѓе. Се покажало дека писателите се нашле во 15 отсто од луѓето што покажуваат некаков вид психопатологија. Меѓутоа, истовремено, некои креативни автори на тестирањата покажале исклучително високо ниво на добро психичко здравје.
Според Барон, единствената причина за ова е потребата за интроспекција, односно самосвесност и анализа на сопствената личност и сопствените постапки. Барон тврдел дека овој процес води кон соочување со потемната страна на човекот, а ова отворено соочување донесува до необичен спој на здравото и „патолошко“ однесување.
Извор:
Bonitet
Насловна фотографија: Pixabay