X
 25.02.2022 Наша тема

Жарко Кујунџиски, писател: Може да сме силни на зборови и со жилав ум, а зад себе да тркаламе невидливо ѓуле околу ногата

Македонскиот јазик и литература имаат и минато, а ќе имаат и иднина поради повеќе други причинители, но и поради фактот што постојат автори со своја автентичност што успеваат да создадат книжевни дела од висок дострел

Вашиот роман „Сфинга на гневот“ е македонски претставник за наградата „Балканика“. За каква приказна станува збор, со кои теми се занимава?

- Во „Сфинга на гневот“ се поставени многу микро и макрослоеви на приказната, но романот има една главна носечка тема, а тоа е патот до слободата, сфатена и како моќ да се размислува, но и да се постапува поинаку од средината. Тој спој ја дава ултимативната форма на слобода. Затоа што може да се однесуваме фриволно, но мислите да ни бидат заробени во некакви раситнети нагони и туѓа реторика или, пак, да бидеме силни на зборови и со жилав ум, а да тркаламе зад себе невидливо ѓуле околу ногата. Од таков ков е и главниот лик на овој роман, Лазар Отадески, кој тонејќи во гневот поради некои минати меѓучовечки односи, вегетира на работ меѓу постоењето и бавното исчезнување. Но, се случуваат одредени настани што го поведуваат на една болна одисеја во која треба да го остави зад себе тоа што сметал дека му е цел живот, а всушност било само негов лош симулакрум. Ова е роман што пледира интенционално изневерување на очекувањата и комфорот, трагично кршење на личноста во име на таа апсолутна слобода, која се постигнува со коренита промена на личноста и на идентитетот. Ако се држиме секогаш до себе, нема да ја осознаеме вистинската вредност на тоа што го имаме. Не верувам во целосни и дадени идентитети еднаш засекогаш, како колективни, така и личносни, туку само во променливи, дисперзирани, флуидни и динамични идентитети. Кога тоа ќе го сфатиме, но и кога ќе го искусиме на своја кожа, слободата сама ќе ни тропне на врата.

Низ романот се провлекуваат и историски имиња како Александар Велики и Гргур Нински, Константин од Струга и Леполд од Милано, Кочо Рацин… Во каква функција е ваквото книжевно поигрување?

- Не знам дали е секогаш поигрување, повеќе го доживувам како книжевно надградување. Сите тие во романот се еднакво присутни како историски личности, но и како фикциски карактери. Во таа мешавина од факт и фикција сакав да ја прикажам и основната формална компонента на романот: спојот на спротивности во секоја смисла. Контрастите се видливи, во спојот од два различни жанра, града, начини на живот, во двете наративни перспективи – минатото и сегашноста, во двете дискурзивни предлошки – митот и стварноста итн. Во една вака поставена структура на спој од оган и вода, ликовите може најдоследно да трагаат по слободата на вистината. И, ако искрено ме прашувате, мене најдраго ми е присуството токму на Константин од Струга, Миладинов, еден од нашите први поети, кој веројатно е и клучниот лик за конструирање и растајнување на приказната.



Жирито посочи дека романот е насочен и кон оние што преферираат т.н. елитна книжевност, но и кон обичните искрени вљубеници во книгата. Дали се согласувате со ваквата поделба на публиката?

- По учебник, ако сакаме едно дело да го добие потребното внимание, треба да се одлучиме што пишуваме и кому се обраќаме. Ако сакаме широка публика, пишуваме крими, ако сакаме да им се допаднеме на нашите книжевни пријатели, пишуваме некое херметично и нежанровско дело, но ако се одлучиме за нешто помеѓу, треба да сме подготвени и за потценувачки и за поделени мислења, така што тоа и се случува со „Сфинга на гневот“. Бидејќи луѓето не го очекувале, ниту се надеваат на таков ролеркостер. Но јас влегов подготвен на тоа да не пишувам „според книга“. Знаев дека кога правите микс, не би рекол дека е потешко, но ќе си дозволам да искористам еден англиски термин, дека е „трики“, но задоволството е поголемо и за тој што пишува и за тој што чита. Луѓето обично сакаат да се држат до нешто познато, нешто што го очекуваат, тоа им дава сигурност и самодоверба. Затоа, оваа книга е за искусни луѓе и читатели, не мора да се строго книжевни професионалци, но да имаат завидна животна и читателска километража.

Номинираните автори и лауреатите од Македонија (Венко Андоновски и Александар Прокопиев) биле искусни автори, што значи за Вас кога ќе се најдете во вакво друштво?

- Во годините на моите студии делата на Прокопиев и Андоновски веќе ја беа обележале првата деценија од македонската книжевност во самостојна Македонија и беа неизоставен сегмент и од моето созревање како читател и како автор. Секако, ова друштво би го надополниле и со имињата на другите македонски автори номинирани за наградата: Дурацовски, Урошевиќ, Маџунков, Лафазановски, Дирјан, Старова.., но и со добитниците од другите држави: Албахари, Бајац Баколас, Конголи. Самите имиња говорат доволно за себе, дека ова е кремот на македонската, балканската, но и на европската литература. Тоа што ете и моето име се приклучува кон ова друштво го гледам најрационално што може, пандан на спортот кога некое момче што ги гледало своите омилени играчи на екран подоцна ќе застане рамо до рамо со нив на терен. Во моментот кога тоа ќе се случи, генерациските и поетичките разлики се нивелираат и сите станувате дел од едно семејство во кое почитта е заемна. Во тоа лежи и моќта на оваа книжевна награда.



Го има ли сѐ уште високото реноме наградата „Балканика“ како во првите години откако беше покрената?

- Фондацијата „Балканика“ е основана пред повеќе од 25 години од бугарскиот издавач и писател Николај Стојанов, интелектуалец што сакал да создаде „книжевна награда на балканските народи“, врзно ткиво што ќе ги надмине политичките и општествени разминувања на народите во регионот и ќе им даде можност на поединците да соработуваат и да разменуваат книжевни искуства и уметнички вредности. Со концептот и портфолиото што го има, реномето на наградата не може да се стави под прашање. Но, комплексно поставената структура сигурно бара забележителна организација и соодветен буџет за да може постојано да се развива и да добива на тежина. Особено што во изминатите две и пол децении неколкупати се менуваше геополитиката на регионот, но и начинот на живот на глобално ниво, така што предизвиците да се одржува ваков формат стануваат сè поголеми и поголеми.

Колку е важна номинацијата за оваа регионална награда за портфолиото на еден автор?

- Домашната книжевна сцена е пребогата и презаситена со број на објавени книги дури и на годишно ниво, но е прилично досадна и од содржинско-формален и од прагматичен аспект. Ние ретко кога имаме дела што кршат одредени табуа или ги превреднуваат општоприфатените митови и дискурси. А дури и кога такви дела ќе се појават, неретко остануваат осамени и недоволно препознаени. Од аспект на функционирањето на нашата книжевност во строгите рамки на фелата, таму таа досада е дури и банализирана, како од аспект на немањето книжевна критика, медиумски мегдан за презентација и артикулација на книжевната продукција, па сè до нејаснотии при формирањето комисии или распределбата на наградите. Тоа што создаваме и објавуваме книжевност во едно такво опкружување создава одбивност кај голем дел од младите, но и од повозрасните автори. Така што, секое позиционирање на книга од македонски писател на какво било меѓународно рамниште претставува компензација и големо растоварување од овој прилично неафирмативен товар.

Колку постои регионално препознавање на литературите на Балканот и дали можеби „Балканика“ е последниот бастион на тоа поврзување?

- Всушност, би рекол дека „Балканика“ е еден од најдолготрајните бастиони. Јас го гледам тоа како меѓник, како рестарт-копче на регионалните односи на книжевен план по распадот на Југославија и почетокот на интеграцијата на балканските земји кон Западот. „Балканика“ е добриот пример, но за среќа не е и единствен. Книжевните фестивали и проекти од регионален аспект во последните десетина години и тоа како придонесуваат за регионалното препознавање на литературите на Балканот.



Како гледате на недоволната културна соработка како последица на нерешените политички прашања во регионот?

- Соработка имало и ќе има, но таа сè уште е на многу рудиментирано рамниште, повеќе е од презентациски отколку од креативен вид. И се потпира или на персоналните односи меѓу колегите или е поттурнувана преку ЕУ; која е можеби единствен драгоцен мотор на ваквиот вид соработка. Отворени политички и историски прашања на Балканот имало стотици години во минатото и ќе има уште стотици години во иднината. Колку се тие атавизми застрашувачки говори и фактот што некогаш е доволна една неодмерена изјава или твит за да го зоврие лонецот во балканската фурна. Но, тоа не значи дека нациите не треба да соработуваат преку филмот, театарот, литературата, науката, образованието, спортот итн. Колку повеќе народите се засркнуваат едни од други, толку треба културниот проток да биде поголем. Мора да се опстои во отпорот кон дневнополитичката реторика бидејќи и јавниот дискурс е исто така прашање на мода. Ете, сега е „модерен“ тој бугарско-македонски спор во кој насекаде паѓаат тешки зборови, квалификации, осуди, повици за ексклузивности, давање-земање, но не смееме да дозволиме тој да биде исклучив стил на живот и востановен начин на размислување. Колку и да се фрла семето на злото од Бугарија или кон Бугарија, Георги Господинов засекогаш ќе остане еден од најчитаните и омилените автори меѓу Македонците.

Ако најголем предизвик за малите јазици е да ги поминат границите, колку е тоа важно особено за една мала земја со ограничено јазично подрачје?

- Во рамките на ЕУ се говори за пет големи јазици, сите други се т.н. „мали“. Секако, ова повеќе се однесува на бројот на активни говорители отколку на систем на вредности – по ништо не е послаба или помалку богата холандската или полската литература наспроти италијанската или британската, само што директно се обраќа на помала публика и низ историјата била подложена на помала мобилност. Ако говориме за македонскиот јазик, тој станува сè попотценет дома, колку поради пенетрацијата на англискиот толку и со губење на односот кон македонскиот јазик во литература, образованието, медиумите, и пред сè во говорот на младите, на децата, кои многу почесто комуницираат на англиски отколку на мајчиниот јазик. Гласот што треба да го имаме или покажеме надвор, прво се вежба и негува во домашни услови. Македонскиот јазик и литература имаат и минато, а ќе имаат и иднина поради повеќе други причинители, но и поради фактот што постојат автори со своја автентичност и свесност за условите што успеваат да создадат книжевни дела од висок дострел.

Фото: Александар Котевски
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема