X
 25.04.2018 Технологија

Вештина со која ќе го забрзате пишувањето на тастатура

Луѓето што куцаат најбрзо користат уникатна вештина популарна меѓу професионалните гејмери, покажува ново истражување. Тоа е техника која секој може да ја научи, но дали ќе ве направи попродуктивни?

Истражувачи од финскиот Универзитет „Алто“ и од Универзитетот во Кембриџ ги анализирале навиките за куцање на 168.000 луѓе со помош на интернет-тестирање и утврдиле дека оние што куцаат најбрзо користеле метода каде што следната буква се притиска пред претходната да биде пуштена.

Овој побрз стил го развиле гејмерите за да можат да изведат повеќе активности во една секунда. Кај многу игри играчите ја користат левата рака за да го контролираат нивниот лик со група копчиња на тастатурата додека со десната рака користат маус. На пример, може да притиснете W со левата рака за вашиот лик да оди напред, или Shift + W за да трча, или Shift + W + Ctrl за да пука додека трча. Тастатурата мора сето ова да го препознае точно - фактот дека ги притискате сите тие копчиња во исто време, но ги пуштате во различно.

- Преклопувањето при притискањето носи бенефит за перформансот и дозволува да се направат повеќе акции во исто време - вели Ана Феит, која работела на студијата.

Анти Оуласвирта, уште еден истражувач вклучен во студијата, додава дека гејмерите често ја држат левата рака постатична, а со десната покриваат поголем предел.

Тоа е вештина која можеби веќе ја користите. Според Оуласвирта, ваквото куцање е вештина со која автоматски се здобивате, а не ја учите и има големи шанси веќе да ја користите додека куцате нешто што ви е познато, како вашето име или лозинка за некоја од социјалните мрежи. Иако 70 отсто од учесниците во студијата претходно учеле да куцаат без да гледаат во тастатурата, Оуласвирта истакнува дека секој што многу куца може да развие своја метода. Вака професионалните гејмери ја усовршиле техниката на преклопување.

Студијата сугерира дека секогаш треба една иста буква да ја куцате со истиот прст, но Шон Врона, кој е наградуван куцач, не се согласува.

-Зависи од зборот. Во идеалниот случај, треба да ја куцате секоја буква со прстот што ви е поставен најблиску до таа буква - вели Шон, кој кажува дека можел да искуца 108 збора во минута кога имал само десет години.

1

Фото: Freepik

Дали куцањето е воопшто важно?

Бен Вуд, технолошки експерт, вели дека гласовното диктирање ќе го надмине куцањето како главен метод на внесување до 2022 година, а причина за тоа се напредоците во технологија. Но, тој предвидува дека куцањето ќе остане доминантен метод за внесување податоци и додава дека куцањето не е доволно ценето како вештина.

- Ако секој ученик во Велика Британија заминува од училиште вешт во куцање без да гледа во тастатурата, тоа може да ѝ даде на земјата конкурентска предност и да помогне во решавањето на малата продуктивност со која нацијата моментно се соочува - вели Бен.

Врона се согласува дека куцањето е вредна вештина, но само до одредена мера.

- Нема многу луѓе на кои им доаѓаат течни и добро смислени идеи побрзо отколку што можат да ги искуцаат, па веројатно има некое подобрување од просечните 30-40 искуцани збора во минута до 60-80, што можеби е потребната брзина со која можете да бидете во тек со вашите мисли. Сѐ што е повеќе од тоа изгледа како да нема смисла, освен за надмоќ - вели Врона.

Според специјалистот за продуктивност Крис Бомонт, брзото куцање не е толку клучно во споредба со другите вештини.

- Подобрувањето на вашите вештини за куцање, вклучително и вметнување на техниката на преклопување, може да биде од помош, но тоа е само еден мал дел од сложувалката на продуктивноста. Ако секој ден треба да одговорите на 100 е-пораки и куцате користејќи само два прста, тогаш минувањето малку време со добар тренер за куцање ќе донесе многу придобивки за вас. Но, ние не го минуваме секој ден одговарајќи на е-пораки или пишувајќи извештаи. Најголемата разлика ќе ја направат когнитивните аспекти на системот за менаџирање на продуктивноста, а не механиката на куцање - објасни Бомонт.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија