X
 25.06.2022 Живот

Што да направите ако згазнете морски еж

Морските ежови се животни кои се бројни во топлите и чисти мориња, покрај брегот, а најчесто ги има под карпи или на нив. Пливачите неретко газат на нив, а тогаш стапалото може да се наполни со игли од ежот.

Игличките се забиваат во кожата и тоа е болно, а може и да потече. Отстранувањето на иглите, исто така, е болно, но неизбежно и мора да се направи многу внимателно. Затоа, најдобро е да користите чевли за вода доколку знаете дека на некоја плажа има ежови.

Што да направите доколку згазнете морски еж?

Доколку не морате, не треба сами да ги вадите боцките бидејќи тие може да се скршат и во ногата да останат мали делови кои тешко се вадат. Во 90 отсто од случаите, боцките сами излегуваат од кожата по 2-3 дена, но подобро е да се извадат што побргу за да не се добие воспаление.

Специјалистката по дерматологија Весна Ламер советува дека прво треба да се побара помош од доктор доколку има во близина. Доколку не најдете доктор, боцките треба да ги извадите сами. Според докторката, иглите најлесно се вадат од ногата 2 или 3 дена по повредата, но луѓето најчести ги вадат веднаш бидејќи одењето им е болно.


Фото: Pixabay

Додека не ги извадите иглите, помагаат аналгетици и студени облоги.

При вадењето, задолжително треба да имате стерилизирани пинцета и игла, антиобиотска маст и алкохол. Може да ја измиете повредената нога и со солена вода (но не морска) или со оцет. Иглите на ежот се составени од калциум карбонат, а оцетната киселина ги разградува. На почеток обидете се со игла да ги помрднете боцките кон надвор, а потоа со пинцетата извадете ги полека.

Доколку не помага тоа, измешајте вода со топол оцет и во таа смеса потопете ги нозете.

Алкохолот исто така е добар за отстранување странски тела од кожата, па обидете се да го миете местото со алкохол неколку пати дневно за кожата сама да ги исфрла иглите.

Боцките кои се подлабоко во кожата можат да се извадат само со пинцета, а по вадењето раната треба да се намачка со антибиотска маст и евентуално да се стави прашок на раната. Битно е раната да се чисти за да не се воспали.

Извор: Grcka info
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот