X
 25.08.2019 Живот

Жртва на прекумерниот развој и подземните води - Џакарта, градот кој тоне

Џакарта тоне. До 2050 година една третина од главниот град на Индонезија ќе биде под вода доколку продолжат постојните трендови - децениското неконтролирано и претерано црпење на подземните води, раст на нивото на морето и сè поекстремните временски услови, предупредуваат експертите.

Постојните мерки за заштита на околината не дадоа резултати, па властите се одлучија да го преселат главниот град. Преместувањето на административното и политичко срце на земјата ќе ја зачува националната управа, но ќе биде смртна пресуда за Џакарта, град од десет милиони жители.

- Ќе се удавев во 2007 година. Водата ми однесе сè и морав да почнам отпочеток - вели Расди, сопственик на штанд со брза храна во близина на северниот залив, едно од местата каде што градот најбрзо тоне.

Состојбата во Џакарта, која е изградена на трусно мочуришно подрачје, близу до утоките на 13 реки, дополнително ја влошија стихискиот развој, лошото урбанистичко планирање и густиот сообраќај.

Џакарта нема водоводен систем во северниот дел, па месната индустрија и милиони жители користат издани - пропустливи слоеви на земјата кои задржуваат вода.

Тоа искористување на подземните води доведе до спуштање на земјиштето, па Џакарта во некои делови тоне и до 25 сантиметри годишно. Денес некои квартови од градот лежат на четири метри под морското ниво, што го доведува населението во опасност.

Поплавите се вообичаена појава во текот на сезоната на дождови, а се очекува со глобалното затоплување да се зголеми и нивото на морето.

Темнозелената вода се искачи до катовите на напуштените згради, а отпад има насекаде.

Иако главниот град ќе биде преселен, властите очајнички смислуваат мерки како да ја спасат Џакарта. Одобрена е изградба на вештачки острови во заливот пред Џакарта, кој како тампон-зона треба да го чува градот од Јаванското Море.

Се планира и изградба на нов крајбрежен ѕид, иако досегашните бариери не дадоа резултат. Ѕидовите се веќе изградени околу најзагрозените квартови, но се напукнати, пропуштаат вода и ги поплавуваат улиците и куќите во најсиромашните делови.

- Ѕидовите не се трајно решение - вели Хери Андреас, геолог од технолошкиот институт во Бандунг, трет по големина индонезиски град, и истакнува дека треба да се промени начинот на управување со водите.

Иако Џакарта е жртва и на претераниот развој бидејќи облакодерите и големите згради ја притискаат земјата и го влошуваат проблемот, најголем виновник е прекумерното искористување на подземните води. Градот моментално нема друг начин за исполнување на побарувачката за вода бидејќи нема сеопфатна водоводна мрежа, вели Андреас.

Џакарта не е единствениот град во светот што тоне. Во зоната на ризикот се и градови како Венеција, Шангај, Њу Орлеанс и Бангкок, но Џакарта досега направи многу малку за да се обиде да ја реши ситуацијата, тврди геологот.

- Останатите презедоа соодветни чекори да го ублажат проблемот. Скапо е, но ако ги погледнеме последиците, и тоа како е вредно за трудот. Се чини дека ние не знаеме од каде да почнеме - вели Андреас.

Жителите на најзагрозените делови од градот немаат начин да побегнат.

- Секако дека сум загрижен, но што можам? Тука пораснав, тука и ќе останам - вели сиромашниот Расди.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот