Канадскиот хирург Шаф Кешавџи кон крајот на септември успеа да транспортира бели дробови со дрон меѓу две болници во центарот на Торонто, неколку минути пред трансплантацијата на 60-годишен пациент.
- Докажавме, а тоа е многу важно, дека вакво нешто може да се реализира - вели Кешавџи, кој работел на тој подвиг цели две години со членовите на техничкиот тим за летот со дронот да биде во најдобар ред.
Тој опишува дека среде ноќ, за нешто помалку од 10 минути, дронот прелетал 1,2 километар над канадската метропола, носејќи ги белите дробови за трансплантација. Дронот полетал од покривот на болницата „Торонто вестерн“, а слетал на покривот на Општата болница во Торонто.
Белите дробови потоа биле успешно трансплантирани на 60-годишен пациент кој боледувал од белодробна фиброза.
Транспортот на органи со беспилотно летало се реализирал во посебен резервоар за ладење, кој ги одржувал топлинските параметри на органите.
- Мислам дека технологијата на дронови има огромен потенцијал и може да стане стандард во здравството - вели Микаел Кардинал, потпретседател на „Унихтер биоелектроникс“, биотехнолошка компанија која го реализира летот.
Уредот прелетал над преполниот центар во Торонто без никакви проблеми, но под надзор на одговорни лица.
- Нашиот следен предизвик е да ја приспособиме постојната технологија за да може да им биде достапна на пациентите низ светот - вели д-р Кешавџи, специјалист за трансплантација на бели дробови, потсетувајќи дека белите дробови се најкревките од сите органи кога станува збор за складирање во посебен контејнер и транспорт.
Исто така, тој објасни дека временските услови претставуваат најголемо ограничување за транспортот на органи.
Досегашното искуство покажува дека постојната технологија на беспилотни летала, која се користи во некои земји за испорака на пакети купени онлајн, всушност, може да се користи за подобрување на транспортот на органи и за намалување на транспортните трошоци.
Во април 2019 година на сличен начин беше транспортиран бубрег со дрон на пациент кој чекаше трансплантација во болница во Мериленд, САД.
Извор:
Index.hr
Фото:
UHN/Twitter