Фондот за здравствено осигурување на Црна Гора објави дека рекордното боледување траело подолго од шест години, што фрлило сомнеж за можни злоупотреби на ова право на работникот, најчесто од граѓани кои работат на позиција која не им одговара или имаат нарушени односи со менаџментот.
Во Македонија, Фондот за здравствено осигурување нема податоци за злоупотреби од граѓаните во однос на боледувањето, но има за пропусти на лекарите кои се од административна природа.
- ФЗОРСМ нема податоци за злоупотреби направени од граѓаните. Фондот располага со податоци за направени пропусти во постапката за отворање на боледување од матичните лекари, специјалисти или членови на лекарски комисии. Во делот на прашањето за злоупотреба или неоправданост на боледувањата, констатираните неправилности се, всушност, пропусти на лекарите од административна природа и не можат да се поистоветуваат со злоупотреби на боледувања - велат од Фондот за здравствено осигурување.
Оваа здравствено-финансиска институција не може самата да утврди неоправданост или злоупотреба на контролираните и пријавените боледувања.
Секое боледување за кое постои мал сомнеж дека не е издадено или отворено согласно законските норми и согласно медицинските докази, се препраќа во Лекарската комора, во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и во Министерството за здравство.
Таков е случајот со матичен лекар кој фалсификувал документи за оцена за привремена спреченост за работа од лекарските комисии поради тоа што доцна ги поднел документите до лекарските комисии.
- Избран (матичен) лекар фалсификувал документи за оцена за привремена спреченост за работа од лекарските комисии (за да издаде оправдано боледување покриено со документација) поради тоа што доцна ги поднел документите до лекарските комисии. Значи, лекарот ненавремено ги препраќал документите на пациентите до лекарските комисии. Контролите на ФЗОРСМ кај овој матичен лекар откриле шест вакви предмети и за овој случај се води истрага, откако предметот беше доставен до ДСЗИ, кој понатаму го предаде во Основното јавно обвинителство. Поради ваквото работење на матичниот лекар, има сознанија дека една пациентка има изгубено работно место - рекоа од ФЗОРСМ.
Најдолгото боледување во Македонија е 1.524 дена за малигно заболување и тоа сѐ уште трае, а веднаш по него е боледување од 1.473 дена.
Според податоците на ФЗОРСМ од 2021 година, имало 3.044 барања за боледување до 30 дена. Најмногу барања, вкупно 8.845, имало за период од 30 до 100 дена, по што следуваат 3.143 барања за боледување помеѓу 100 и 200 дена.
Од 200 до 300 дена користеле 669 лица, а од 300 до 400 дена, што е период од околу една година, боледување отвориле 319 осигуреници.
Од 400 до 500 дена боледувале 50 осигуреници, а над 500 дена има 12 отворени боледувања кои сѐ уште траат.
Бројот на боледувања поради заболувања изнесувал 18.531 за 2021 година и по оваа ставка Фондот за здравствено и инвалидско осигурување исплатил околу 16 милиони евра.
Во периодот јануари - март 2022 година, од страна на ФЗОРСМ се извршени 39 контроли на боледувања во здравствени установи и лекарски комисии на ФЗОРСМ. Констатирани се неправилности во 11 контроли во делот на: неуредна евиденција во медицинската документација, неисполнети дијагностички постапки за дијагнозата за која е издадено боледувањето и незапазена временска рамка (времетраење на боледувањето) согласно Правилникот и Критериумите за дијагностички постапки и оцена на привремена спреченост за работа, ретроактивно отворање на боледување, односно непридржување на законските и подзаконски акти на Фондот при издавање на боледувањата.
- Во периодот од почеток на пандемијата на ковид-19 до крајот на 2021 година, од страна на овластени лица за контрола на ФЗОРСМ се извршени 162 контроли на боледувања во здравствени установи и лекарски комисии на ФЗОРСМ. Констатирани се неправилности во 33 контроли, и тоа во делот на неуредна евиденција во медицинската документација, неисполнети дијагностички постапки за дијагнозата за која е издадено боледувањето и незапазена временска рамка (времетраење на боледувањето) согласно Правилникот и Критериумите за дијагностички постапки и оцена на привремена спреченост за работа, ретроактивно отворање на боледување, односно непридржување на законските и подзаконски акти на Фондот при издавање на боледувањата. По извршените контроли записниците со констатирани неправилности се доставени до Комисијата за оценување на услови за изрекување договорни казни, која е мериторна за понатамошно постапување, односно санкционирање со парични казни - објаснија од Фондот за здравствено осигурување.