X
 26.06.2020 Здравје

Јапонија нема доволно пациенти за да тестира лекови и вакцини за Ковид-19

Додека државите брзаат да најдат третман и вакцина за Ковид-19, Јапонија истовремено се труди да го намали ширењето на коронавирусот. Се чини дека успева со оглед на тоа што во земјата нема доволно пациенти за да се спроведат клинички тестирања за потенцијални вакцини и лекови.

Во моментов низ светот се развиваат повеќе вакцини, меѓу кои и шест во Кина. Првите тестирања на луѓе на вакцината што ја развива Јапонија треба да почнат наредниот месец.


Фото: Pixabay

Во меѓувреме, Русија и Индија веќе го одобриле лекот „авиган“ на јапонската „Фуџифилм холдингс корп“ како терапија за Ковид-19, но Јапонија нема да успее да донесе одлука за лекот пред јули.

- Поради намалувањето на бројот на заразени пациенти со коронавирус, сметаме дека ќе треба повеќе време за да се заврши клиничкото истражување - изјавил Тетсуа Накамура, кој работи на тестирањето на лекот во болница во Јапонија.

Јапонија подобро се справува со коронавирусот од повеќето развиени држави. Епидемијата речиси доведе до колапс на јапонскиот здравствен систем во последните месеци, но во моментов во земјата има само 60 тешки случаи.


Фото: Pixabay

Во Јапонија досега се почнати 54 клинички тестирања на лекови поврзани со Ковид-19, но повеќето се во фаза на наоѓање пациенти. Интересот за „авиган“, познат и како фавипиравир, порасна во март откако во Кина било изјавено дека тој им помага на пациентите да оздрават од Ковид-19. Во моментов лекот се тестира на 25 места низ светот.

Поради недостиг на домашни пациенти, Јапонија можеби ќе треба да користи податоци и резултати од странство за официјално да одобри терапија или вакцина.

Автор: Роки Свифт
Извор: businessinsider.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје