Додека расте бројот на заразени со коронавирусот, во Кина сè потешко се доаѓа до заштитни маски, па во некои градови, како Шангај, недостигаат маски. Хируршките маски се широко распространет начин за заштита од разни видови инфекции, како и од штетни честички од загадениот воздух. Меѓутоа, епидемиолозите се скептични кога станува збор за нивната ефикасност во спречувањето зарази, особено кога станува збор за вируси што се пренесуваат преку
воздухот.
Сепак, научните студии покажуваат дека тие навистина можат да спречат пренесување на вирус од рака до уста.
Докторот Дејвид Карингтон од Лондонскиот универзитет вели дека обичните хируршки маски не се ефикасни против вирусите и бактериите што се пренесуваат по воздушен пат затоа што се прешироки, односно не прилегаат добро на устата и носот, но и поради тоа што немаат филтри и не ги штитат очите. И покрај тие недостатоци, овие маски можат да помогнат да се намали ризикот од пренесување вируси со кивање или кашлање, како и пренесување од рака до уста.
Според податоците од студија од 2016 година, со која било утврдено дека човекот во просек за еден час 23 пати си го допира лицето, не е едноставно маската да се носи подолг период. Поради тоа, лекарите сметаат дека подобри резултати дава преземањето хигиенски мерки.
- Покријте ја устата кога кивате, мијте ги рацете со топла вода и сапун и не ставајте ги на устата без претходно миење, избегнувајте да ги допирате очите и носот - сето тоа може да го намали ризикот од кој било респираторен вирус - препорачуваат експертите и додаваат дека има многу малку докази што го потврдуваат распространетото убедување дека маските штитат од пренесување вируси, освен кога станува збор за клинички услови.
Потсетуваат и дека маските треба да бидат правилно ставени и често да се менуваат.
Хируршките маски се користат во болниците од крајот на 18 век, но се во широка употреба од шпанската треска - пандемија на грип која од 1918 до 1920 година зеде повеќе од 50 милиони животи.