Самир Љума и Фејми Даут ја освоија врвната награда за најдобра кинематографија што синоќа ја додели Американското здружение на кинематографери во театарот „Долби“ во Лос Анџелес. Тие се први добитници на оваа награда, која Асоцијацијата на кинематографери на Америка ја воведе годинава.
Самир Љума и Фејми Даут се првите добитници на оваа награда, а ја добија од режисерот Тод Филипс (фото: American Cinematography)
Љума и Даут ја имаа честа да ја примат наградата од режисерот на филмот „Џокер“, Тод Филипс. Врачувајќи им ја наградата, тој рече дека ова е златно време за документарните филмови.
Најважната награда што може да ја посака еден кинематографер е токму оваа, рече Самир Љума на 34. доделување на наградите.
Во кусо интервју веднаш по доделувањето на наградите за „Американ синематографи“ Даут и Љума се заблагодарија за укажаната чест.
- Многу сме среќни што сме први од Македонија што воопшто учествуваат на овие награди - рече Даут.
Љума додаде: - Ја изразувам мојата благодарност до Асоцијацијата на кинематографери која ги отвори вратите за кинематографијата во документарните филмови. Се радувам што ние сме првите добитници во оваа категорија. Сакам да им порачам на сите што сакаат да се занимаваат со оваа дејност дека не е важно од каде доаѓате и ако сте искрени во тоа што сакате да го работите, еден ден можеби оваа награда ќе биде ваша - изјави Љума.
Британскиот кинематографер Роџер Дикенс беше прогласен за најдобар за филмот „1917“ во режија на Сем Мендес.
Тамара Котевска и Љубо Стефанов беа номинирани во категоријата најдобри режисери на наградите на Здружението на режисери на Америка кои беа доделени синоќа. Наградата ја доби режисерот Стивен Богнар за филмот „Американска фабрика“.