X
 26.01.2021 Здравје

Нова вакцина го спречува ширењето на ракот на кожата со години по третманот

Истражувачи од институтот за рак „Дана-Фарбер“ при болницата „Бригам енд вимин“, во соработка со истражувачи од институтот „Брод“ при Технолошкиот институт во Масачусетс и Универзитетот „Харвард“, создале вакцина која може да помогне во борбата против ракот на кожата. Вакцината се нарекува „Неовакс“ и успеала да го спречи ширењето на ракот на кожата кај пациентите.

Резултатите од испитувањата биле објавени во списанието „Нејчр медисин“. Во нив се покажува дека вакцината останува ефикасна 4 години по примањето.

Кетрин Џ. Ву, една од авторите на истражувањето, вели дека истражувачите имаат доказ дека вакцината создава долготрајна заштита од ширењето на ракот. Во испитувањата биле вклучени 8 пациенти на кои им била извршена операција во напредна форма на рак на кожата, но се сметало дека е веројатно ракот да се врати. Сите пациенти биле живи и не покажувале знаци на развивање рак 4 години по примањето на новиот третман.

Потребни се дополнителни истражувања со поголеми групи пациенти за да се одреди ефикасноста на вакцината, но почетните резултати се силен показател дека вакцините може да помогнат во контролирањето на туморите во фаза на метастаза, велат истражувачите.

Автор: Лукиа Пападопулос
Извор: interestingengineering.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје