Според статистиката на Меѓународната комисија за планинско спасување ICAR, во 90 % од лавините во кои страдаат луѓе, луѓето се причинители за настанувањето на лавините, вели Циривири
Лавинологијата се занимава со изучување на лавините, почнувајќи од основните причини за нивното настанување, последиците врз луѓето и стопанските објекти и, секако, мерките за превенција и заштита. Во Македонија најголемата несреќа се случи на 11 февруари 1956 година кога во снежна лавина загинаа 52 градежни работници кои беа ангажирани на изградба на хидросистемот „Маврово“.
Во основа лавинологијата е наука која во фокусот на своето истражување го има снегот, но се занимава и со сите фактори надвор од снежната покривка кои влијаат врз динамиката на нивното настанување и деструктивното дејство. Практичното значење е заштита на луѓето, населените места и стопанските објекти, што се постигнува преку мерки за превенција, заштита и развивање системи со примена на најновата технологија за спасување настрадани во лавини, ни сподели Костантин Циривири, член на здружението за спасување „Асклепиј“ и претседател на Македонската асоцијација на интернационални водичи на планина. Тој теоретски и практично секоја година одржува обуки за движење во планина во зимски услови, обучува нови водичи, планинари, организира зимски кампови и се залага за лавинска безбедност и, секако, што поголема безбедност на планина.
Костантин Циривири
Што може да нѐ поучи лавинологијата како наука?
- Главната поука од лавинологијата е дека лавините се моќен природен феномен со огромна деструктивна сила и најдобар начин за заштита е преку превенција, едукација и примена на соодветна опрема. Најважно место има едукацијата бидејќи не постои опрема или реално применлива технологија што може да обезбеди целосна заштита од лавини.
Се сѐ сведува на познавање и почитување на природата, а со тоа и на лавините како нејзин составен дел.
Кои се основите на лавинологијата кои треба да ги знае секој што се движи во планина во зимски услови?
- Пред сѐ, потребно е да се прави добра процена на лавинската опасност. За добра процена, неопходна е темелна едукација и познавање на сите фактори што влијаат врз појавата на лавините. Исто така, треба да се познаваат и да се применуваат мерките за безбедно движење на заснежен терен, како и принципите за правилно ракување со опремата за заштита и спасување.
Во суштина, обуката за лавинска безбедност има три важни моменти:
- познавање на снегот, поточно снежната покривка, како многу динамична - променлива функционална целина составена од различни снежни слоеви;
- познавање на опремата за заштита и спасување;
- познавање на принципите за спасување и укажување прва помош на лица кои се настрадани во лавина.
Треба да се има предвид дека просечното време на преживување на зафатените во лавина, под снегот, изнесува од 12 до 15 минути или 900 секунди. Секоја погрешна или недоволно истренирана постапка одзема дел од 900. секунди преостанати за преживување на затрупаните под снегот.
Колку кај нас демнат опасности од лавини? Што бележат статистиките?
- Опасноста за човекот од лавините постои само тогаш кога тој се наоѓа во зоната на нивното настанување и линијата на движење на снежната маса, односно кога човекот може да биде жртва. Лавините како појава постојат независно од човекот и тие се дел од планинската феноменологија. Постои корелација помеѓу бројот на луѓе што се движат на планина во зимски услови и лавинските несреќи. Засега кај нас бројот на луѓе што практикуваат зимски активности на планина надвор од урбаните области не е многу голем, што е главна причина за малиот број лавински инциденти. Секако, кога зборуваме за лавинската статистика на несреќи треба да имаме предвид дека бројките за настраданите се однесуваат на луѓе, човечки животи и затоа треба да се креира сериозен пристап кон лавинската безбедност, бидејќи потенцијалната опасност постои, а несреќите и исходот од нив ќе бидат условени од бројноста, посетеноста на планините и обученоста на луѓето. Со правилна едукација може да се постигне намалување на стапката на лавински несреќи и катастрофален исход.
Од што најчесто се предизвикани лавините кај нас и кои се најризични подрачја?
- Според статистиката на Меѓународната комисија за планинско спасување ICAR, во 90 % од лавините во кои страдаат луѓе, луѓето се причинители за настанувањето на лавините. Во лавинологијата се разликуваат предуслови и причинители.
Предусловите создаваат можност за нестабилност на снежната покривка, а нив ги сочинуваат поголема група фактори, како што се структурата на снежната покривка, карактерот на снежните кристали, количината и интензитетот на новите снежни врнежи, наклонот на падината, релјефот на подлогата и сл.
Причинители за лавините се силите што довеле до нарушување на стабилноста на снежната покривка и придвижување на снежната маса. Во случаите кога човекот е жртва, најчесто тој е причинител за нарушување на стабилноста на снежната површина, но лавината може да ја испровоцираат и животни, одрони од карпи, снежни стреи или драстични температурни промени во снежната покривка кои предизвикуваат движење на водата од едно место на друго и од една во друга агрегатна состојба.
Најризични падини се тие со наклон од 40 до 55 степени, кои имаат рамна површина и кои се покриени со трева без дрвја или ниска грмушеста вегетација и без карпести делови. Според географската поставеност, не би можеле да издвоиме посебни предели, со напомена дека планините со височина над 2.000 метри и поголема количина на снежни врнежи имаат поголема веројатност за настанување лавини.
Има ли конкретен период кој е особено ризичен за појава на лавини?
- Секогаш кога има снежни врнежи, постои потенцијална опасност од лавини. Интензивни врнежи, а под тоа подразбираме голема количина во краток временски период, кои се случуваат при ниски температури под - 10°С и силен ветер, условуваат висока лавинска опасност. Но, за да настанат лавините, потребни се и другите услови, кои ги наброивме претходно, а секако треба да има и непосреден причинител за нивно поттикнување. Во зимскиот период најчесто настануваат таканаречени слоевити лавини, при што доаѓа до движење на дел од снежната покривка, односно раздвојување на местата каде што имало „слаба врска“ помеѓу различните слоеви снег.
Во пролетниот период карактеристични се таканаречени „основни лавини“, при што снегот се свлекува по падината сѐ до подлогата. Овие лавини течат и на значително помал наклон од 45° и во себе содржат земја, камења и вегетација и имаат голема деструктивна сила. За среќа, тие се многу полесно предвидливи.
На што ставате акцент на Вашите предавања за запознавање со лавинологијата како наука?
- Статистиката за лавините е лоша, речиси 40 % од луѓето што се зафатени во лавините се сигурни жртви. Токму затоа превенцијата има најголемо значење. Најдобро е да се избегне лавинскиот инцидент, а сите други аспекти на обуката, кои мора темелно да се спроведат, се второстепени бидејќи со нив се спасуваат жртвите. Накратко може да се каже дека примарна е добрата обученост и примена на знаењата во насока на превенција, а потоа е важна добрата опременост и соодветен тренинг за автоматизација на постапките за спасување и давање прва помош.
Како планински спасувач, кои се Вашите препораки до водичите на планина, до планинарите, кога станува збор за лавини?
- Потребно е следење на состојбата на планината во подолг период, размена на информации со колеги кои ги познаваат локалните услови, интегрален и здраворазумен пристап при процена на состојбата и континуиран тренинг. Кога станува збор за безбедноста на планина, не постои замена за знаењето.
Фото: приватна архива