X
 26.05.2022 Живот

Телефонските говорници во Њујорк заминуваат во историјата

Означувајќи го крајот на една ера, властите на Њујорк неделава ги отстранија речиси сите телефонски говорници во градот, кои станаа „технолошки жртви“ на сеприсутноста на бесплатниот интернет и паметните телефони во последниве години.

Покрај практичната намена, телефонските говорници со десетлетија се појавуваа и во поп-културата – од стрипови до холивудски блокбастери и ТВ-серии. Но, обожавателите на Супермен, на пр., ќе се утешат со фактот дека Менхетн ќе задржи четири говорници. Познатите „пресоблекувалници“ на стрип-јунакот Кларк Кент – „Човек од челик“, ќе бидат зачувани како потсетници на не толку далечното минато.

Градоначалникот на Менхетн, Марк Левин, во коментар на „Твитер“ нагласи дека сѐ уште чувствува носталгија кон говорниците.

- Тоа е крај на една ера. Последните три телефонски говорници на плоштадот Тајмс сквер се отстранети. Нема веќе „ловење“ парички по вашите џебови - напиша Левин на „Твитер“.

Но, се надеваме дека ова е и почеток на нова ера, со поголема правичност во пристапот до технологијата, додава подолу Левин, имајќи предвид на населбите во северен Менхетн, како што е Харлем, кои се помалку покриени со телефонски и интернет-мрежи.

До денес, 8.400 говорници се отстранети од различни делови на Њујорк. Во 2015 година Менхетн почна да поставува илјадници пристапни точки на „Линк-НЈС“, нудејќи безжичен интернет и бесплатни локални повици. Овие нови киосци постепено ќе се поврзуваат со 5Г-мрежата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот