Средношколците и студентите имаат право еден ден во неделата бесплатно да ја користат жичницата, додека пензионерите и децата секој работен ден, соопштија од Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје.
Оттаму информираа дека одредени категории лица имаат право на бесплатно користење на жичницата.
Така, право на превоз без надомест, секој работен ден имаат возрасните лица (жени над 62 год., мажи над 64 год.) со приложување лична карта или пасош, деца без родители и родителска грижа до 18 години, како и деца до 6 години.
Право на бесплатен превоз по еден ден во неделата е дозволен за средношколците, и тоа во среда, а неопходно е да се легитимираат со ученичка книшка.
Студентите, пак, имаат право на бесплатен превоз во четврток, со приложување индекс или студентска легитимација.
На децата без родители над 18 години им следува 50 отсто попуст на редовната цена на билетот.
Од ЈСП потсетуваат дека жичницата работи секој ден освен понеделник и секој последен вторник во месецот, од 10 до 20 часот. Во период од 19 до 19:30 часот е последно возење оддолу кон врвот, односно во 19:45 часот е последно возење од врвот надолу.