Веројатно никогаш не сте размислувале премногу за тоа. Додека влегувате во авионот, стјуардесата стои на вратата од авионот, ви се насмевнува и ви посакува „добре дојде“. Изгледа како едноставен гест на гостопримство, слично како кога домаќинот пречекува гости во ресторан.
Меѓутоа, оваа кратка интеракција има многу поважна функција отколку што изгледа на прв поглед.
- Насмевката и поздравот што ги добивате на вратата од авионот се веројатно една од најригорозните процени со кои ќе се соочите. Во тие неколку секунди проценуваме многу работи и, колку и да звучи необично, тоа оценување е дел од нашата работа - истакнува Џеј Роберт, искусен стјуард и основач на платформата „Флај гај травелс“.
Целта не е критика на патниците, туку исклучиво безбедноста.
- Поздравувањето на патниците на вратата е првата линија на одбрана за препознавање потенцијални закани кои би можеле да влезат во авионот. Без оглед дали се работи за болест, алкохолизирана состојба или за некој што внесува забранети и опасни предмети, постојано следиме сè што би можело да го попречи летот или да создаде опасност - објаснува тој.
Секако, постои и димензија на грижа за патниците.
- Тоа е прва можност на патниците да им посакаме добредојде и да создадеме позитивна атмосфера пред летот. Истовремено, тоа е клучен момент за екипажот. Стјуардесите вршат почетни безбедносни и оперативни процени кои можат да помогнат во откривањето на потенцијалните проблеми пред самото полетување - наведува Јуврат Дата, експерт од туристичко-технолошката компанија „Ферпортал“.
Како што истакнува, стјуардесите почнуваат со процена на ситуацијата во кабината од моментот кога и самите ќе влезат во авионот.
- Овој поздрав е процена на однесувањето. Пријателскиот пристап е намерен. Патниците се однесуваат поприродно кога веруваат дека екипажот само им посакува добредојде. Персоналот е обучен во тој краток контакт да го набљудува секое лице: неговата ориентација, стабилност и сè што би можело да прерасне во ризик во затворен простор на илјадници метри над земјата - вели Антон Радченко, основач на компанијата „Ерадвајсор“.
Во време кога расте бројот на инциденти со непослушни патници и напади врз екипажот, авиокомпаниите се попретпазливи. Многу од овие инциденти се тесно поврзани со консумирањето алкохол.
- Стјуардесите проценуваат дали патниците се трезни. Ако забележат некој што е видно пијан или под дејство на супстанции, можат да побараат да му ја погледнат картата под изговор дека ќе го одведат до седиштето, но вистинската цел е да го известат екипажот во тој дел од авионот за да ја следи ситуацијата - објаснува Хенри Хартевелд, воздухопловен аналитичар.
Покрај тоа, се следат и знаци на болест.
- Барам симптоми како бледо или испотено лице, прекумерно потење или видливи преносливи кожни заболувања поради кои патникот би можел да биде отстранет од летот пред затворањето на вратите - додава Роберт.
Се проценува и начинот на кој патниците реагираат на поздравот - неразбирливиот говор, збунетоста, губењето рамнотежа или мирисот на алкохол се јасни сигнали. Исто така, стјуардесите тајно го проверуваат и рачниот багаж за да се уверат дека одговара на прописите и дека не содржи ништо сомнително.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Magnific