Проектот наречен „Мала куќа“, имплементиран во општина Нидервен, недалеку од главниот град Луксембург, е првата 3Д-печатена куќа во која всушност ќе се живее. Објектот е дизајниран од луксембуршката компанија „ОДА архитектс“ во соработка со „Корал констракшн технолоџис“.
Куќата има 47 квадратни метри, а секоја фаза на печатење траела помалку од 28 часа. Главната цел на проектот е да се истражи дали 3Д-печатењето може да овозможи побрза и поевтина изградба на станови, со надеж дека ќе помогне во намалувањето на кризата со домувањето со која се соочува оваа земја.
Сончеви панели за ниска потрошувачка на енергија
Проектот покажува и како може да се постигне многу ниска потрошувачка на енергија, со соларни панели инсталирани на покривот за напојување на целиот дом. Електричната енергија го напојува и системот за подно греење, кој се базира на електрични фолии, така што нема потреба од водоводни цевки или радијатори.
Целта на архитектите била куќата да биде лесна за користење и одржување, па по печатењето, ѕидовите биле исполнети со топлинска изолација од еколошки материјали, со цел да се намали потрошувачката на енергија на подолг период. Внатрешноста на 3Д-печатената куќа е јасно организирана по функционални зони. Влезот е на јужната страна, каде што се влегува во мал ходник од кој започнува коридор што ги поврзува сите главни простории - бањата, техничката просторија и конечно спалната соба. Лево од влезот е дневната соба поврзана со кујната и трпезаријата.
Куќата има и врата што води кон терасата на јужната страна, што го проширува животниот простор и го поврзува ентериерот со околината. Една од главните идеи била куќата хармонично да се поврзе со природата, а централниот влез овозможува брз пристап до градината, додека отворите на северната и североисточната страна, гледаат кон зелените површини околу зградата.
Потенцијал за прифатливо домување
Од „Корал констракшн технолоџис“ велат дека овој проект покажува како 3Д-печатењето може да се користи за изградба на станови, во средина каде што пазарот е исклучително скап. На Луксембург му се потребни околу 7.000 нови станови годишно, а во моментов се градат помалку од 4.000, што создава драстичен недостиг и високи цени.
Мал стан од 47 м² во Луксембург чини над 560.000 евра, додека куќа печатена со 3Д-печатач чини една третина помалку и може да се постави на локации кои не се погодни за голема градба.
Оваа конструкција ја намалува потребата од рачна работа, а и употребата на тешка механизација и количината на отпад, бидејќи 3Д-печатачот прецизно ги следи дигиталните упатства.
Општината Нидеранвен ја вклучи оваа куќа во програмата „Остани тука“ (Lux. Hei wunne bällen), која нуди почетни станови за помладите жители кои учествуваат во локалните социјални програми. Идејата е првата изградена куќа да биде издадена на нејзиниот прв закупец за десетгодишен закуп, а проектот вклучува садење на 21 дрво за да се компензираат емисиите генерирани за време на изградбата.
Извор: gradnja.rs
Фото: Instagram screenshot