X
 27.01.2019 Живот

Еден работен ден на директор кој води компанија од фарма во Нов Зеланд

Кристијан Маирол, основач и извршен директор на компанијата за антизлонамерни софтвери „Емсисофт“, поголемиот дел од неговиот ден го минува на состаноци и сесии за дискутирање, но секогаш наоѓа време да си ги нахрани овците и кокошките.

Тој може да го прави тоа затоа што неговата компанија нема канцеларии. Сите 40-ина вработени во компанијата, вклучувајќи го и извршниот директор, работат од нивните домови, а во случајот на Маирол станува збор за фарма.

Маирол е од Австрија. Тој решил да си купи земјиште во рурален дел на Нов Зеланд барајќи порелаксиран живот и потопли зими. Поради организацијата на компанијата, речиси никој во „Емсисофт“ не забележал дека тој се селел.

На почетокот имал циркардијална десинхронизација, но потоа увидел дека раководењето со компанија од Нов Зеланд функционирало.

- Нештата се многу поедноставни во Нов Зеланд. Се будиме со сонцето, никогаш не заглавуваме во сообраќаен метеж, уживаме зашто најблискиот сосед е на повеќе од 90 метри, си одгледуваме зеленчук и овошје околу куќата, живееме во мир - вели тој.

Компанијата почнала да работи на овој начин поради една практична причина, а тоа е недостигот на капитал. Маирол не сакал да зема ризичен капитал за да ја крене компанијата, но без него не можел да си дозволи да се натпреварува со гигантите од Силициумската долина за таленти. Па наместо да се обидува, тој решил да бара девелопери во земји како Русија и наскоро компанијата забележала успех и почнала да вработува уште луѓе.

И покрај предизвиците што со себе ги носи раководењето на компанија без да се видат вработените во живо, Маирол вели дека не планира некогаш да отвори канцеларија.

Вака изгледа еден негов работен ден.

Работниот ден му почнува во околу 5 или 6 наутро. Работи во мала домашна канцеларија, која самиот ја изградил до домот и ја нарекува „кутијата“. Бидејќи живее во Нов Зеланд, почнувањето на работата рано изутрина помага неговото време на будење да се поклопи со работното време на вработените во другите временски зони. Кога ќе се вклучи, тој се соочува со поплава од пораки кои треба да ги прочита една по една. Исто така, состаноците на тимот често се во текот на утрото бидејќи тогаш се поклопува времето на Нов Зеланд со дневните часови во Источна Европа, од каде што се повеќето девелопери во „Емсисофт“.

Некаде околу пладне работата стивнува бидејќи колегите на Маирол од Европа спијат, а оние од Америка почнуваат да се одјавуваат. Кога ќе се смират нотификациите, Маирол оди на пауза. Некогаш работи на планирање на проект, а некогаш оди да ги види овците и кокошките, оди во маркет или ѝ помага на сопругата во домашните работи. Некогаш оди и на плажата и фотографира. Теоретски, може и да работи од плажата, но не го прави тоа. Наместо тоа, тој го користи тоа време за да одмори.

- Кога промовираат работа од дома, луѓето често ја користат фразата „работете во паркот или на плажата“, но вистината е дека работењето надвор е прилично ужасна идеја. Особено со директна сончева светлина, контрастот на екранот на лаптопот е многу лош и е невозможно да се сработи нешто креативно што бара вистински бои - објаснува тој.

Попладнето колегите од Азија почнуваат да се будат и да се вклучуваат, па тој одговара на нивните пораки.

Фото: Business Insider

Се обидува најдоцна до 19 или 20 часот да се исклучи. Штом ќе заврши со работата, тој минува време со фамилијата готвејќи, гледајќи филмови или релаксирајќи се.

Маирол вели дека сега не може да замисли да работи на некој друг начин.

- Кога почнав да работам на далечина, тоа беше специјално нешто. Веќе не го гледам како нешто необично. Досега веќе стана добро познат концепт на бизнисите - вели тој.

Според Маирол, ако не можете да се обврзете на тоа целата компанија да работи од далеку, воопшто не правете го тоа. Тимот не може да биде успешен ако компанијата делумно работи на далечина бидејќи вработените во канцелариите на крајот ќе направат оние другите да се чувствуваат изолирани. Исто така, Маирол советува да им верувате на вработените со кои работите и да вработувате луѓе со силни вештини на самоменаџирање. Внимателноста при вработувањето може да ги отстрани луѓето на кои лесно им се одвлекува вниманието или кои не можат да работат сами.

Најголемиот предизвик е што може да биде тешко да се поврзете со луѓето на лично ниво кога само разговарате преку компјутер. „Емсисофт“ има специјални „чат соби“ каде што се разговара за нешта кои не се поврзани со работата и некои вработени по работното време играат онлајн-игри. Но, Маирол не ги гледа колегите секој ден и лично се има сретнато со само четворица од нив.

Затоа тој вели дека кога станува збор за работа на далечина, особено важно е да запомните дека вашите колеги се луѓе, а не само зборови што се појавуваат на вашиот екран.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот