Е-спортот стана официјален спорт во Македонија, соопштија од Македонската еспорт федерација (МЕСФ).
- Агенцијата за млади и спорт го призна електронскиот спорт (е-спорт) за официјален спорт во државата. Директорот на АМС, Наумче Мојсоски, денеска му врачи Решение за дејност спорт на претседателот на Македонската еспорт федерација (МЕСФ) и генерален секретар на Меѓународната еспорт федерација, Бобан Тотовски - стои во соопштението.
За Тотовски ова е потврда дека Македонија ги следи светските движења.
- Кога во 2005 година почнавме со мисијата за официјализација на е-спортот, искрено, не се надевавме дека ќе требаат 17 години. Во ниту еден момент не изгубивме надеж и мотивација да ја постигнеме целта, а тоа е да го официјализираме е-спортот како спорт - истакна Тотовски.
МЕСФ е 66. официјално призната е-спорт федерација глобално, имајќи предвид дека истовремено е и една од десетте првоформирани е-спорт федерации во светот. Македонската еспорт федерација е формирана во 2009 година и е членка на Меѓународната еспорт федерација и на Европската еспорт федерација.
Минатата година македонската репрезентација стана светски шампион во компјутерската игра „Counter Strike: Global Offensive“.
Насловна фотографија: МЕСФ (Facebook)