Подемот на дигитализацијата отвори ново поле во светот на спортот, поточно гранката е-спорт. Е-спортот и неговото прифаќање во нашата држава долго време беа табу-тема, а беше препознаен како спорт официјално во јануари 2022 година.
Нашите претставници на Е-спортот преку играта „Кантер страјк“ ја закитија нашата држава со една светска и две златни европски титули. Еден од играчите во тимот, Дамјан Стоилковски (kyxsan), вели дека иако тие сонувале за таков успех, не верувале дека ќе го остварат:
- Желбата се појави уште од мала возраст. Нормално, тогаш игравме само за забава и за исполнување на времето, но со текот на времето желбата стануваше сѐ поголема. Иако уште оттогаш сонувавме еден ден да стигнеме до повисоко ниво и да играме професионално, никогаш не помисливме дека ќе станеме европски шампиони.
Клучот за постигнување на целта е добрата дисциплина
- Потребна е добра дисциплина, самодоверба, напорна работа, ќе имате и добри и лоши моменти, но нема откажување, треба да ги балансирате успехот и загубата и најважно е да си поставите свои цели и да се стремите да ги достигнете - раскажува Александар Ќулукоски (CacaNito).
Иако станува збор за обична компјутерска игра која најчесто се игра за забава, професионалните играчи се комплетно посветени на нивната тренирачка дисциплина. Тренингот се состои од мануелно и индивидуално тренирање на рефлекси, па сѐ до спроведување тимски тактики - споделува еден од играчите.
- Тренинг е времето од денот што го посветуваме за подобрување на нашите индивидуални и тимски способности. Тој се состои од мануелно и индивидуално тренирање на рефлекси, па сѐ до тимски тактики кои треба да се спроведат за време на еден официјален меч. Еден натпревар најчесто се игра во една или две добиени мапи. Победникот на една мапа е оној што прв ќе стигне до 16 рунди. Натпреварите се возбудливи сами по себе како за играчите така и за гледачите. „Кантер страјк“ е посебна игра затоа што е непредвидлива и може да донесе голема возбуда во текот на мечевите. За да се оствари сето ова, потребна е напорна работа и концентрација на високо ниво - изјавува Павле Стојановски (stYleEeZ).
Со развивањето и прифаќањето на спортот, предрасудите исчезнуваат
- Во последно време, како што се развива е-спортот, така и предрасудите за оваа професија исчезнуваат. Сѐ што е конкурентно користејќи збир на вештини што може да биде повеќе или помалку објективно во споредба со други играчи, треба да се смета за спорт. На почетокот немавме никаква поддршка, играњето „Кантер страјк“, според сите, беше само губење време. Но, сега може да се каже дека ситуацијата е многу сменета. Најмногу поддршка добиваме од родителите и од пријателите.
Поради популаризацијата и освоените награди, играта „Кантер страјк“ и генерално игрите на е-спортот се во подем. Ги прашавме победниците дали забележале зголемена заинтересираност во игрите на е-спортот?
- Секако, и тоа многу нѐ радува. Секојдневната поддршка и љубопитност се уште поголема мотивација за работа. Се надеваме дека отвораме можност за помладите генерации да сфатат што е всушност е-спортот.
Иако на гејмањето се гледа со многу понижување и со негативен став, тимот на светските шампиони во „Кантер страјк“ одговори дека професионалното играње на оваа игра овозможува доволна, па дури и повеќе од доволна заработувачка за македонски услови.
- Професионалното играње може да овозможи доволна, па и повеќе од доволна заработувачка за во Македонија. Е-спортот е во голем подем и заработувачката нонстоп се зголемува. Еден играч што е дел од некој клуб си има редовна месечна плата, а примањата од турнирите се бонус и зависат од успехот на тимот. Покрај тоа, голем дел од професионалните играчи стримаат, имаат спонзори и се рекламираат на различни начини, особено преку социјалните мрежи и имаат дополнителни приходи од тоа - вели Јане Апостолоски (aidKiT).
Е-спортот неодамна стана официјален спорт во Македонија
Официјализирање на е-спортот е многу битно особено за нашата држава. Покрај финансиите што ќе ги обезбедува за турнири, настани и националните екипи, се зголемува поддршката од јавноста, се информираат повозрасните лица за е-спортот и се мотивираат младите.
Како за крај, еден од играчите во тимот, Даниел Глигоров (dan1), ни ја откри нивната понатамошна агенда, како и плановите за иднина на соиграчите:
- Плановите за блиска иднина се да го искористиме максимално времето за одмор што е предвидено од Светската е-спорт организација. Моментално ни се преостанати уште два турнири на кои сме фокусирани. Тоа се балканскиот Esport Adria и европскиот интернационален турнир ESEA Advanced Playoffs. Секако дека не планираме цел живот да се занимаваме со ова бидејќи како што човекот старее, така е сѐ помалку способен за оддржување на некогашната најдобра форма, но би работеле нешто околу е-спортот. На пример, коментатор, тренер, организатор и слично. Можеби играчи на „Кантер страјк“ со седа коса нема да бидеме, но љубители на „Кантер страјк“ со седа коса - дефинитивно.
Фото: Лавинија Гордан