На сегашната ситуација во Македонија првенствено гледам како пријател на Македонија и на Македонците. Се разбира дека и на секој политички лаик му е јасно дека ситуацијата во вашата земја не е добра. Имавте претходна власт која беше корумпирана и не ја водеше земјата во добар правец. Имате сегашна, актуелна власт која очигледно не се снаоѓа или не е свесна за своите политички потези
Да се подигне албанскиот јазик на еднакво ниво со македонскиот, кој е службен јазик на Македонците и на Република Македонија, не можам да прифатам. Албанците се малцинство во Република Македонија, која има свој службен јазик, а тоа е единствено стандардниот македонски литературен јазик, вели профeсорот Горан Калоѓера од Хрватска, истакнат книжевен историчар, македонист, раководител на Лекторатот по македонски јазик во Риека, поранешен раководител на катедрата на понова хрватска книжевност, надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите, автор на книгата „Македонскиот 19 век“... Во интервјуто за Факултети.мк, со професорот Калоѓера разговараме за актуелните случувања во земјава, кои тој будно го следи, за состојбите со македонскиот јазик, преговорите за името, јазикот и идентитетот на македонскиот народ. Со големи симпатии кон оваа земја, тој посочува и на точките каде што опасно се лизгаме.
Изминаа седум години откако во Риека ја објавивте книгата „Македонскиот 19 век“, која пред неколку години беше преведена и на македонски јазик. И самиот велите дека овој период отсекогаш сте го сметале за најживописниот, најдинамичниот и најбруталниот период во историјата на македонскиот народ. Зошто?
- Мислам дека тоа мое мислење и понатаму стои и тешко е да се оспори во контекст на македонската книжевна историја. Се работи за една од моите најдобри книги, на која работев многу долго, настојувајќи да биде што повеќе аргументирана со историски податоци. Се разбира, заклучоците се мои и мислам дека се промислени, аргументирани и во секој случај придонес за историјата на македонската книжевност. Но, да се вратам на вашето прашање. Нема ников сомнеж дека 19 век во животот на македонскиот народ е „најживописниот, најдинамичниот, најбруталниот и најважниот“ период. Зошто? Затоа што во 19 век, во стихијниот замав на преродбеничките процеси меѓу словенските народи, Македонците, македонскиот народ, започнуваат и своја национална преродба. Во суштина, тој и не се разликува многу од тие на неговите соседни народи, со една многу важна забелешка, дека Македонците, за разлика од останатите словенски народи, се наоѓале во исклучително неповолна политичка ситуација, која ја одредувал турскиот репресивен апарат, а одела во прилог на другите словенски народи, Грци, Бугари и Срби... Тие преку своето свештенство и учителите ги искажувале своите експанзионистички и алиенаторски тенденции кон македонскиот народ... Тоа Македонците многу скапо го плаќале, што резултирало со шареноликоста на идеите и неразбирањето на политичките моменти одредени од водечките луѓе на 19 век, за идејата за нација и јазик. Тие нивни „талкања“ може да се оправдаат со асимилациската политика на соседните народи, Грци, Бугари и Срби, кои секогаш ја гледале Македонија како погодна почва за своите интереси.
Но, и покрај тоа, во Македонија во 19 век се случуваат многу важни општествени, политички, книжевни, црковни и лингвистички поместувања. Се формира македонска граѓанска класа, која во голема мера ќе ги поддржува истакнатите интелектуалци на своето време. Книжевниците и локалните учители почнуваат да пишуваат и да печатат свои книжевни и образовни дела на своите локални говори. Доаѓа до отпор кон Цариградската архиепископија и кон Бугарската егзархија. Се јавува Унијатското движење кое ја мобилизира целата европска дипломатија. Се интензивираат обидите за создавање на идниот книжевен јазик, се разбира, во повеќе варијанти, но преовладува македонистичката. Почнува процес на револуционерни движења, вклучувајќи го и повторното активирање на Охридската архиепископија. Доаѓа до неколку востанија кои резултираат со Крушевската Република и поразот на илинденските востаници. Се формира одредена интелектуална елита, која со насилната смрт на Димитар Миладинов го губи својот водач и главниот идеолог на преродбеничкото движење. Во Загреб се печати Зборникот на македонското усно народно творештво, кој на Европа ѝ ги отвора очите за духовното богатство на македонското усно книжевно творештво. И што е најважно, се јавува македонската самосвест. Македонците го започнуваат својот вековно запрен процес кон формирање своја нација и народ. Тоа се гледа во повеќе примери, но ќе бидам краток. Терминот Македонец, македонски песни и македонски народ се јавуваат сè почесто во книжевните и политичките трудови на Македонците во 19 век. И како на тие напори одговорила Европа; со ревидирање на Санстефанскиот мировен договор и Берлинскиот конгрес, кои Македонците и понатаму ќе ги остави под турската чизма, за разлика од Бугарите, Србите и Црногорците. Во тој мрачен и тмурен период за Македонците имало светли моменти и исклучителни личности. Апострофирам тројца од оние што сметам дека се клучни за менувањето на постојниот општествен и политички живот во Македонија. Ѓорѓи Пулевски и неговиот став: „Македонците се народ и местото нивно е Македонија“, Крсте Петков Мисирков, кој во својот текст „За македонцките работи“ ги поставува темелите на македонската нација и јазикот, што добива свој конечен исход и се реализира по Втората светска војна. И Гоце Делчев, револуционерен водач и идеологот на Илинденското востание. Значи, македонскиот 19 век е исклучително турбулентен и тежок период за македонскиот народ, кој за жал денес се повторува. Македонците како да не учат од својата историја.
Македонскиот народ е повторно во исклучително динамичен период кој можеби претендира да биде уште поживописен од тој во 19 век. Како книжевен историчар и македонист, како гледате на денешната гео-политичка ситуација во која се наоѓа Македонија и правецот во кој се движи?
- Тука би бил воздржан, независно од моите симпатии кон Македонците. Не сум политичар, ниту политички аналитичар. Но, затоа многу интензивно ги следам сегашните случувања во Македонија, кои се, имате сосема право, многу подинамични и во суштина многу опасни за иднината на Македонија и на Македонците. На сегашната ситуација во Македонија првенствено гледам како пријател на Македонија и на Македонците. Се разбира дека и на секој политички лаик му е јасно дека ситуацијата во вашата земја не е добра. Имавте претходна власт која беше корумпирана и не ја водеше земјата во добар правец. Имате сегашна, актуелна власт која очигледно не се снаоѓа или не е свесна за своите политички потези. По мое мислење, во одредени историски моменти, а мислам дека најновите избори беа токму тоа, потребно е единство на народот, без оглед на политичката припадност. Во моменти погубни за својот опстанок, народот мора да биде соединет, а партиите да ги смират своите интереси, страст и реторика. Да беше така, мислам дека немаше да ги има немилите случувања, и би се добило време за да се реализираат некои важни политички цели, како Европска Унија и НАТО.
Прочитајте две дела од Блаже Конески, ќе ја согледате тешката борба за афирмација на македонскиот јазик
Македонскиот јазик повеќе месеци е топ-тема во македонската (и пошироката) јавност, особено поради законот за употреба на јазиците и начинот на кој се наметнува неговото донесување. Како оваа практичната двојазичност би се одразила врз македонскиот јазик?
- Најголем дел од луѓето не ја познаваат проблематиката на македонскиот јазик, а дискутираат за тоа страсно и гласно. Би ги предупредил сите македонски политичари и сите што се надвор од лингвистичките кругови, а не прочитале, да се потрудат и да прочитаат два текста од Блаже Конески: „Развојот на современиот македонски литературен јазик“ и „За развојот на македонскиот литературен јазик“. Откако ќе прочитаат, ќе стекнат увид за тешката борба за афирмирање и признавање на македонскиот јазик од другите нации и држави, како и за сите можни опструкции тој млад јазик да се уништи и да се сведе на дијалект на бугарскиот јазик или на „политичка творба“ на Блаже Конески. Двојазичност? Целосно го почитувам албанското национално малцинство во Македонија и сметам дека како малцинство треба да ги има сите права. Да се подигне албанскиот јазик, кој како дипломиран лингвист го почитувам, на ниво на јазик еднаков на македонскиот, кој е службен јазик на Македонците и на Република Македонија, не можам да прифатам. Албанците се малцинство во Република Македонија, која има свој службен јазик, а тоа е единствено стандардниот македонски литературен јазик. Албанското малцинство, со негување на својот албански јазик, би требало да го употребува и да го користи исклучиво македонскиот литературен јазик како службен јазик на државата во која живее.
Велат дека јазикот е сржта на идентитетот на еден народ. Македонскиот јазик го оспорува Грција (поради користењето на терминот „македонски“), го оспоруваат Бугарите, тврдејќи дека е дијалект на бугарскиот јазик, а тоа го искористуваат и другите соседи, во зависност од ситуацијата што им одговара во одреден момент. Како да се заштити македонскиот јазик во вакви времиња?
- Како прво, Македонците во своето опкружување никогаш немале свое пријатели. Мислам дека е така и денес. Јазикот, се разбира, е важна одредница на еден народ. Ако нема јазик, нема ни народ и обратно. Во историјата ретко кој јазик бил толку оспоруван како македонскиот јазик. И поради тоа, треба да ги почитувате напорите на првите генерации повоени македонски лингвисти, кои иако беа малобројни, успеаја на светот да му докажат дека постоењето на македонскиот јазик е историска лингвистичка вистина. Тука за мене нема дилеми, ниту пак некогаш имало во текот на овие 40 години како се занимавам со македонскиот јазик. Најдобра одбрана за македонскиот јазик во самата Република Македонија е пред сè да се негува мајчиниот јазик, што значи зголемени часови по македонски јазик во основните и во средните училишта, да се анимираат младите луѓе да студираат македонски јазик, да се финансираат институтите за македонски јазик, да се вложува во универзитетско студирање на македонскиот јазик, да се создава лингвистички образован кадар кој како наставници, професори, лектори, ќе се грижи за македонскиот јазик. Понатаму, треба да се промовира македонскиот јазик во светот, да се отвораат лекторати по македонски јазик во светот, со еден збор, за јазикот треба грижа, не декларативно, туку активно и финансиски. А тоа е задача на државата и на ресорните министерства. Дека тоа е исплатливо, доказ е Лекторатот по македонски јазик во Риека, кој постои веќе 12 години, а каде што настава посетуваа околу 2.000 студенти. За тоа добивме и Благодарница од Семинарот за македонски јазик, кој исто така е исклучително важен фактор за промоцијата на македонскиот јазик.
Во преговорите со Грција за спорот за името Република Македонија, повеќе од сигурно е дека копјата ќе се вкрстат околу термините „македонски народ“ и „македонски јазик“, иако сите велат дека во идентитетот не смее и не може да се чепка. Според Вас, кои позиции околу овие прашања не смеат да не отстапат?
- Повторно мора да се вратиме во минатото. Постојат две умни латински изреки: Historia est magistra vitae и Repetitio est mater studiorum. Значи од историјата и нејзините грешки треба да се учи, а не да се заборава или погрешно да се интерпретира. И втората, треба почесто да се повторува сè добро што произлегло од македонската историја. А имало многу од тоа доброто, почнувајќи од востанијата за слобода, храбрите и пожртвувани Македонци, од кои многу си ги дале животите за Македонија да стане суверена држава. Ова не е патетика, туку вистина. Гледам, кревате силни споменици на луѓе кои немаат врска со вашето минато, а ги запоставувате своите народни прваци. Па се разбира дека од темелните одредници не смее да се отстапи, првенствено од уставното име на државата Република Македонија, името на народот, македонски народ и јазик, македонски литературен јазик. Тука, по мое мислење, не треба да има отстапки. Но, јас не сум политичар, туку книжевен историчар.
Вие сте еден од најзначајните македонисти во светот, особено во областа на литературата. Во сите трендовски процеси на глобализација, дали јазиците на малобројните народи се во опасност од изумирање?
- Мислам дека не. Во светот постојат низа малобројни народи што опстојуваат и успеале да ги зачуваат својот јазик, култура и обичаи. Јазикот мора да биде приоритетна грижа на секој народ, односно на неговите влади, без разлика дали е десна или лева. Се разбира дека постои помалку-повеќе универзален јазик за разбирање, како англискиот, но постои само еден јазик што се вика мајчин јазик. Кај вас тоа е македонскиот, во мојата земја тоа е хрватскиот. И двата ќе преживеат и ќе опстојат. Тука немам никакви дилеми.