Како педијатриски стоматолог, некогаш добивам прашања од родители и пациенти за грицкање мраз. Тие генерално сакаат да знаат зошто некои луѓе уживаат во тоа и дали е штетно за забите.
Џвакањето и кршењето мраз со забите може да им пречи на оние што седат на масата, но тоа е смирувачко за оние што имаат сува уста. Исто така, грицкањето мраз може да помогне во ослободувањето од стрес или да се релаксирате. Во некои случаи луѓето може да џвакаат мраз за да не се чувствуваат гладни бидејќи тоа може да е слично на чувството на јадење, но во овој случај не се внесуваат калории. За други, грицкањето коцки мраз може да е навика.
Зошто е опасно?
Без оглед на тоа која е причината, ова е навика од која треба да се ослободите. Џвакањето мраз е лошо за вашето орално здравје и ако сте баксузи, на крајот може да ве чини вас или вашите родители скап третман на стоматолог.
Џвакањето мраз може да предизвика пукнатини во глеѓта, што може да доведе до зголемена чувствителност на топли и студени пијалаци или храна.
Грицкањето мраз може да резултира и со напукнување на забот затоа што киселините создадени од бактериите полесно може да навлезат во помекиот слој на забот - дентинот - и да предизвикаат гниење на забот.
Ако веќе имате пломби, коронки или винири, или ако носите протези или проширувачи, џвакањето мраз ве прави особено ранливи на оштетување на забите.
Во зависност од сериозноста на проблемот, поправката може да бара сѐ, од едноставно пломбирање до ендодонтски третман, што е посериозна процедура за која е потребна анестезија.
Како да прекинете
Има неколку начини за прекинување на оваа навика:
1. Растопувајте ги коцките мраз во устата наместо да ги грицкате, обидете се да ги држите в уста и да оставите да се стопат. Задоволувачкото чувство на ладење и освежување ќе трае подолго и нема да ви ги оштети забите или непцата.
2. Прекинете да консумирате мраз - исто така, можете целосно да го исфрлите. Ако не ви е во чашата, нема да ве искушува.
3. Размислете за помеки алтернативи - замената на коцките мраз со помеки алтернативи исто така може да помогне.
4. Грицкајте нешто поздраво - јадењето свежи моркови, парчиња јаболко или други овошја и зеленчуци може да биде од помош. Тие може да ја задоволат желбата за грицкање, стимулирајќи лачење на плунка, што ја штити вашата усна шуплина.
Во некои случаи грицкањето мраз може да е резултат на недостиг од железо (состојба наречена пагофагија), иако причината за ова не е јасна.
Кога ништо од горенаведеното не му помага на некое лице да прекине да џвака мраз, може да се потребни промени во исхраната или суплементи на железо. Веројатно најдобро би било да се посети лекар.
Грижете се за усната шуплина
Добрата грижа за забите е важна, особено до 12-годишна возраст. Повеќето луѓе дотогаш ги губат млечните заби. Вашите бели бисери може да ви траат до крајот на животот ако ги миете двапати дневно со паста со флуориди.
И ако сте грицкач на мраз, обидете се да примените некоја од алтернативите што ви ги предложив за да видите дали ќе ви успее да се одвикнете.
Автор: Метју Куки, доцент по педијатриска стоматологија и анестезиологија при Универзитетот во Питсбург, САД
Извор:
Science Alert
Фотографија: Unsplash