На Арктикот има сѐ повеќе случаи на поларни мечки што се убиваат меѓусебно и се јадат бидејќи топењето на мразот и човековата активност го разјадуваат нивниот хабитат, предупредуваат руските научници.
- Канибализмот меѓу поларните мечки ни е долго познат факт, но нè загрижува тоа што тие случаи порано беа ретки, а сега често ги забележуваме - истакна Илја Мордвинцев, експерт за поларни мечки.
На презентацијата во Санкт Петербург тој истакна дека за подемот на канибализмот меѓу поларните мечки веројатно е одговорен недостигот на храна.
- Во некои периоди едноставно нема доволно храна и поголемите мажјаци ги напаѓаат женките со мали мечиња - рече тој.
Но, додаде и дека можна причина за тој пораст е и фактот дека повеќе луѓе работат на Арктикот и ги бележат ваквите случаи.
- Сега имаме информации не само од научници, туку и од сè поголем број работници на нафтени платформи и вработени во министерството за одбрана. Подрачјето околу Опскиот Залив и Баренцовото Море, каде што ловат поларните мечки, сега е фреквентна маршрута за бродовите што носат течен природен гас и во текот на целата година има искршен мраз - истакна Мордвинцев.
Русија веќе е клучен глобален извезувач на нафта и гас, но сака да ги развие и потенцијалите за течен природен гас на Арктикот. Таа, исто така, значително ги надгради воените објекти таму.
Владимир Соколов, исто така руски научник кој предводел голем број експедиции на Институтот за истражување на Арктикот и Антарктикот, истакна дека оваа година поларните мечки главно биле погодени од ненормално топлото време на островот Западен Шпицберген на архипелагот Свалбард во Норвешка, каде што немало мраз плови по водата и имало малку снег.
Руските истражувачи забележале дека сè поголем број поларни мечки се селат од местата каде што традиционално ловат бидејќи мразот се топи поради глобалното затоплување.
Насловна фотографија: Unsplash