Земјите-членки на ЕУ денеска ја потврдија регулативата која предвидува забрана за продажба на нови возила со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, со исклучок на возилата што ќе користат синтетички, т.н. е-горива.
Европскиот парламент гласаше за договорениот текст на регулативата во средината на февруари, но конечното усвојување беше блокирано во Советот на ЕУ на почетокот на март, откако Германија се спротивстави во последен момент и побара да се дозволи продажба на нови возила со мотори со внатрешно согорување што ќе користат е-горива. На Германија во тоа противење и се придружија Италија, Полска и Бугарија.
Спорот меѓу Берлин и Брисел околу договореното постепено укинување на ваквите автомобили се фокусираше на тоа дали производителите и понатаму ќе можат да произведуваат возила што ќе користат т.н. е-горива по 2035 година.
Откако Европската комисија постигна договор со Германија според кој постоечкиот текст на законот за забрана на возила со мотори со внатрешно согорување останува непроменет, Комисијата се обврза да усвои делегирана регулатива со која се воведува нова категорија возила во ЕУ за автомобили што можат да возат само на јаглеродни неутрални горива.
Денеска на состанокот на министрите за енергетика, Италија, Романија и Бугарија беа воздржани од гласање, Полска беше единствена против, а сите други земји-членки беа „за“.
Регулативата влегува во сила со денот на нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ. Регулативата предвидува 55 отсто намалување на емисиите на јаглерод диоксид од новите автомобили и 50 отсто од лесните доставни возила од 2030 до 2034 година и 100 отсто намалување од 2035 година за двете категории на овие возила.
Според најавата на Советот, Комисијата ќе поднесе предлог за регистрација на возила на јаглеродно неутрални горива по 2035 година.
Инаку, синтетичките горива се направени од комбинација на водород и јаглерод диоксид што може да се извлече од атмосферата.
Овие горива се сметаат за климатски неутрални доколку енергијата потребна за нивно производство се произведува од обновливи извори. Сепак, степенот до кој големата употреба на синтетички горива е корисна или практично изводлива е предмет на несогласувања. Според нивните поддржувачи, тие се алтернатива за заштита на климата на фосилните горива. Сепак, нивните критичари велат дека синтетичките горива треба да се користат само во неизбежни случаи во воздушниот и поморскиот транспорт, додека нивното користење во голем број возила би било губење зелена енергија.
Плановите за намалување на емисиите на јаглерод од новите автомобили за 100 отсто до 2035 година, ефективно забранувајќи ги моторите со внатрешно согорување, се дел од поголемиот пакет за справување со климатските промени.
ЕУ сака да ги намали емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 отсто до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година и да постигне климатска неутралност до 2050 година.
Извор: МИА