Прекумерната консумација на сол (натриум) во исхраната е ризик-фактор за срцева слабост, според извештајот од „Вандербилт хелт“.
Кај претежно припадници на црната раса и луѓе со ниски приходи од југоисточниот дел на САД, консумацијата на околу 4.200 милиграми натриум дневно (препорачаниот максимум е 2.300 милиграми) била поврзана со зголемување од 15 % на ризикот од инцидентни (нови) случаи на срцева слабост.
- Дури и скромните намалувања на внесот на натриум може значително да го намалат товарот на срцева слабост кај оваа популација со висок ризик - објавуваат истражувачите.
Сепак, намалувањето на солта во исхраната не е едноставна работа, предупредува уште еден од авторите на трудот, Дипак Гупта, доктор по медицина и магистер по медицински науки.
Леони Дупуис, доктор по медицина, анализирал диететски и здравствени картони на повеќе од 25.300 учесници во студијата на кохортната група.
Имено, го следеле здравјето на припадници на црната раса и жителите со ниски приходи од 12 југоисточни држави уште од 2001 година. Повеќето од нив биле запишани во оваа и други студии преку здравствени центри во заедницата. Просечната дневна потрошувачка на натриум во оваа група изнесувала 4.269 милиграми дневно, што е далеку над дневната граница од 2.300 милиграми.

Зголемениот ризик од срцева слабост поврзан со натриумот е независен од социо-демографските фактори, вклучувајќи ги квалитетот на исхраната и внесот на калории, како и високиот крвен притисок и високото ниво на липиди во крвта.
Срцевата слабост придонесува за 425.000 смртни случаи во САД секоја година. Трошоците за грижа за околу 1 милион нови случаи на срцева слабост годишно изнесуваат десетици милијарди долари.
Дури и скромно намалување на внесот на сол во исхраната, на 4.000 милиграми дневно или помалку, би можело да ги намали случаите на срцева слабост за 6,6 % во текот на 10 години, предвидуваат истражувачите. Тоа би се претворило во помалку смртни случаи од срцева слабост и намалување од речиси 2 милијарди долари годишно на националните трошоци за здравство.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik