X
 28.07.2022 Наука

Остатоци од огромна кинеска ракета ќе паднат на Земјата наредната недела

Остатоци од огромна кинеска ракета која го доставила новиот модул на вселенска станица на оваа земја се очекува да паднат на Земјата наредната недела, соопштиле американски астрономи што го следат движењето на ракетата.

Ракетата „Лонг марч 5Б“ е тешка 23 тони и во вселената го однела лабораторискиот модул „Вентиен“, а била лансирана од островот Хаинан во неделата.

Модулот потоа успешно бил споен со Кинеската вселенска станица во орбитата на Земјата. Меѓутоа, откако го однела модулот, ракетата почнала неконтролирано да паѓа кон Земјата и не е познато кога ќе падне. Ова е третпат како вселенски отпад на Кина неконтролирано паѓа на Земјата.

- Тоа е метален објект тежок 20 тони. Иако ќе се распадне кога ќе влезе во атмосферата, многу делови, некои од нив прилично големи, ќе паднат на површината - изјавил Мајкл Баерс, професор на Универзитетот во Британска Колумбија и автор на труд за ризикот од вселенски отпад.

Вселенскиот отпад претставува екстремно мала опасност за луѓето, но можно е поголемите делови да предизвикаат штета доколку паднат во населено подрачје. Според Баерс, шансите за опасност од овој отпад се зголемуваат со зголемувањето на вселенскиот отпад.

Според процените, можноста ваков отпад да падне во Џакарта, Дака или Лагос е трипати поголема отколку тоа да се случи во Њујорк, Пекинг или Москва. Според Баерс, ризиците може да се одбегнат со технологијата и со соодветно планирање на контролирано влегување во атмосферата над оддалечени делови од океанот.

Точната локација на падот на ракетата ќе биде позната неколку часа пред да се случи падот.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука