X
 28.08.2023 Наука

Талогот од кафе може да ја зголеми цврстината на бетонот за 29 отсто, откриваат научниците

Рециклираниот талог од кафе може да ја зголеми цврстината на бетонот за 29 отсто, откриваат научниците.

На глобално ниво, годишно се произведуваат околу 18 милиони тони талог од кафе, кој често завршува на депониите, а неговото распаѓање го ослободува штетниот гас метан. Научниците од австралискиот универзитет РМИТ во Мелбурн барале иновативни употреби на талогот од кафе и го испитувале како потенцијална замена за песок во производството на бетон.

Отпрвин, нетретираниот талог од кафе го ослабувал бетонот. Меѓутоа, откако го ставиле во печка без кислород на 350 Целзиусови степени, во текот на 2 часа, тој се трансформирал во супстанција слична на јаглен. Со замена на 15 отсто од песокот со печениот талог, бетонот станувал поцврст за 29 отсто.

Ова подобрување веројатно произлегува од порозната структура на талогот, кој ефикасно ја задржува влагата. Оваа карактеристика го ублажува внатрешното сушење на бетонот, фактор за кој се знае дека предизвикува микропукнатини и ја загрозува неговата структура.

Австралиските научници имаат намера да соработуваат со локалните власти и индустриски групи за да спроведат тестови во реални услови.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука