X
 28.09.2023 Живот

Платите на давателите на услуги во центрите за социјална работа се зголемуваат за 2.175 денари

Анекс за дополнување на колективен договор за социјална заштита беше потпишан денеска, со кој се зголемуваат платите на давателите на услуги во центрите за социјална работа. Документот го потпишаа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски.

Според министерката, со ова се исправа грешката што е направена кон вработените во центрите, со измените на законот за минимална плата.

- Со донесувањето на законот за минимална плата, не беше усогласен законот за социјална заштита, со што на давателите на услуги во центрите и во јавните установи за социјална заштита не им се усогласуваше платата со минималната плата. Денеска со потпишувањето на анексот се исправа оваа неправда. Со септемвриската плата ќе добијат зголемена плата за 3.426 денари во бруто, или 2.175 денари во нето-износ - рече министерката.

Таа додаде дека анексот се потпишува на задоволство и на вработените во центрите за социјална работа и на Министерството и на Синдикатот.

- Дополнително на оваа зголемена плата, септемвриската плата што ќе се исплатува во октомври, согласно на општиот колективен договор, ќе биде зголемена за 10 проценти - нагласи Тренчевска.

Каранфиловски рече дека задоволство е да се потпише, да се зголеми платата на околу 1.300 вработени. Тој изрази надеж и за понатамошни корекции во позитивна смисла.

- Во овој момент правиме чекор на позитивно придвижување. Благодарност до Министерството за труд и социјална политика - додаде Каранфиловски.

Документот беше потпишан во просториите на Министерството за труд и социјална политика.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот