Често пати децта прашуваат зошто мама и тато мораат да работат, обично со нежни и невини гласови кои порачуваат дека со тоа им го крадеме времето, вниманието, и со самото тоа, нивната љубов ја насочуваме кон нашата работа.
Некој можеби така и се чувствува, особено поаѓајќи од претпоставката дека во денешно време работата е луксуз, дека потребно е да работите за да го издржите семејството, но постојат и оние кои работат работа кои самите ја избрале, која им се допаѓа и кои ја прават со страст и ентузијазам и самите се реализираат токму преку работата.
Ова е голема среќа и нешто кон кое секој треба да се стреми, а на децата неопходно е да им се објасни дека работата не мора да биде страдање и непосакувана обврска, туку дека е основна компонента и важен момент за среќа на секоја индивидуа. На децата треба да им пренесеме дека успехот значи човек да се занимава со она што отсекогаш сакал да го работи.
Едноставно кажано, животната цел на еден човек е да ги реализира своите соништа. Во овој случај, работата само ќе придонесе децата да имаат задоволни родители и мотивирани. Можеби овој родител ќе биде малку поуморен, меѓутоа повеќе ќе ужива во животот заедно со семејството.
Еве како, на интелигентен и нежен начин, на својата ќерка, и` ја објасни работата, новинарката Саша Емонс:
„Драга ќерко,
Неодамна ме праша што сакам повеќе - дали мојата работа или тебе и твоето братче.
Ова твое прашање малку ми го скрши срцето, меѓутоа со оглед на тоа дека имаш 8 години, мислам дека така и треба. Не се грижи, нема да се налутам поради тоа. Ќерките имаат задача да знаат да ги провоцираат слабите точки кај своите мајки - тоа е посебен знак на нашата поврзаност. И јас истото го правев со мојата мајка. Кога бев малку постара од тебе, после неколку години поминати воспитувајќи ме и одгледувајќи ме мене, мојот брат и мојата сестра, нашата
мајка се врати на работа - работеше половина работно време. На оваа тема ќе те потсетам и кога ќе пораснеш и кога ќе се соочиш со истите коментари од твојата ќерка, исто како што мојата мајка денес ми прави мене. (П.С. Мамо, те молам уште еднаш прости ми).
Ти не го ни почувствува времето кое го поминав дома. Се вратив на работа после три месеци поминати дома, и освен оние осум месеци кои ги поминав со твојот брат кога се роди, за тебе секогаш работев. Иако чувството дека ќе излезам од дома и дека ќе те оставам оној ден кога заврши моето породилно, изгледаше целосно неверојатно и не можев ни да поверувам дека ќе го направам тоа, се` до моментот кога тоа и се случи, за мене беше и олеснувачки - се вратив во нормала после чудесниот пресверт кој ти го донесе во мојот живот.
Некои луѓе заработуваат за живот, а некои се среќни бидејќи се платени да го работат она што го сакаат. Јас сум една од тие среќните кои припаѓа на оваа втора група. Знаев што сакам да бидам од оној ден кога мојата наставничка од осмо одделение ја прочита мојата приказна пред целото одделение и ми рече дека сум родена писателка. Се`уште образите ми зацрвенуваат и целата треперам кога ќе успеам да се изборам со зборовите и кога ќе создадам пишана форма на моите мисли. Мислам дека го препознавам истиот сјај во тебе кога црташ, но можеби ти во себе носиш уште посилна страст која чека да биде откриена.
Што би било кога јас би ти рекла да бираш - дали јас или твојата уметност? Секако, кога би морала да избереш би ме избрала мене (се надевам), но дали би било правдено јас од тебе да го барам тоа? Моментално велиш дека не сакаш ни да имаш деца, благодарение на твојот апсолутно невозможен брат, но можеби еден ден ќе се предомислиш. Ако го промениш мислењето, се надевам дека твојата љубов кон уметноста нема да ја жртвуваш поради луѓето кои ги сакаш, без разлика дали тоа ќе биде професија од која ќе заработуваш или не. Се надевам дека ќе избереш и партнер кој ќе го сака истото.
Но, да се вратиме на првото прашање. Постојат многу причини поради кои мама работи - и можеби воопшто не се оние кои ти ги очекуваш. Ова се моите причини.
Работам затоа што сакам.
Работам затоа што создавањето на нешто ме прави среќна и оваа среќа се пренесува на сите други полиња во мојот живот вклучувајќи го и тоа да сум трпелива, ангажирана и креативна мајка.
Работам затоа што се потребни две плати за покривање на оваа убава куќа во која живееме, за твоите часови по гимнастика и токму тие патики кои сакаш да ги имаш.
Работам затоа што сакам ти и твојот брат да бидете горди на мене.
Работам затоа што се занимавав со оваа професија уште пред да се родиш ти, и затоа што сакам да продолжам да се занимавам со ова и кога ти ќе одиш на факултет.
Работам затоа што - и покрај тоа што сум родител кој скоро секогаш се враќа дома на време, родител кој ретко патува од работа, родител кој внимава на важните датуми на училиште - ти никогаш не би го прашала твојот татко зошто тој работи. Неговата љубов како да е дадена таква самата по себе, и неговите долги работни денови не можат да ја поматат.
Работам затоа што, иако си се`уште млада, веќе си ја прифатила суптилната порака дека женското работење е помалку важно и помалку значајно, како и тоа дека мајките кои навистина си ги сакаат децата не работат.
Работам затоа што се надевам дека тоа ќе се промени до моментот кога ти ќе добиеш твоја ќерка.
Накратко да одговорам на твоето прашање: ја сакам мојата работа, секако дека тебе и брат ти ве сакам, многу, многу повеќе. Кога би морала да изберам, би ве избрала вас.
Но, толку сум среќна што не треба да изберам и се надевам дека нема да мораш ниту ти.
Те сака мама“