Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола го промовира првиот број на „Нови хоризонти“ - списание за студентски истражувања заедно со издание - Зборникот на трудови од одржаната Студентската универзитетска конференција.
На промоцијата, главниот и одговорен уредник на научното списание „Хоризонти“ и „Нови хоризонти“, проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ, од име на ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и комплетното раководство на УКЛО, го изрази задоволството дека списанието „Нови хоризонти“ е прво од ваков вид во Македонија и на УКЛО му дава голема причина за гордост.
Првиот број на списанието вклучува шест истражувачки трудови од различни дисциплини, чии автори се студенти од УКЛО, во соработка со нивните ментори. Истражувачките трудови се избрани како најквалитетни и третираат разнообразни теми, од урбан развој и медицина до лингвистика и технологија.
Посебно е нагласено дека „Нови хоризонти“ како специјализирано списание за студентски истражувања со својата уникатност и посебност засега е единствена публикација во РС Македонија посветена на студентските истражувања и има пионерска амбиција во промовирањето и афирмирањето на студентското истражување.
Проректорот Илиќ, нагласувајќи ја поддршката од раководниот тим на УКЛО, истакна дека ќе започне постапка за индексирање на „Нови хоризонти“ во респектабилни бази на податоци, кои индексираат академски или научни списанија, со што ќе се отворат можности да стане сериозно и престижно списание кое ќе привлече и студенти од странство.
На промоцијата на „Нови хоризонти“ претставен е и Зборникот на студентски трудови од одржаната Универзитетска студентска конференција, активност која ја раководи проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска. Покрај големата благодарноста и признание за достигнувањата на студентите, проректорката Талевска изрази голема почит и до менторите, кои со големо внимание и посветеност ги воделе и инспирирале студентите на истражувачкиот пат. Воедно, посочи дека „Нови хоризонти“ вклучува два студентски труда од УСК во 2022 и четири труда од Универзитетската конференција во 2023. Сите други трудови во следниот период ќе бидат афирмирани со издавање на уште еден Зборник на апстракти од студентската конференција во 2022 и Зборник на постери од двете студентски конференции, со единствена цел, ниту еден од студентите да не се почувствува изоставен, ниту еден труд да не биде изоставен во мемоарите на УКЛО и во колекцијата на универзитетските изданија.
Во рамките на настанот, проректорката Буневска-Талевска најави дека следната, трета Универзитетска студентска конференција, која ќе се одржи во декември 2024 г., ќе биде под знамето на Европската универзитетска Алијанса КОЛОРС и во неа ќе може да се вклучат студенти од сите девет универзитети во рамките на Алијансата.
Промоцијата на првиот број на „Нови хоризонти“ се одржа во знакот на големиот и сериозен исчекор содржан во предговорот на првото списание за студентски истражувања дека со „Нови хоризонти“ започнува нова авантура во научноистражувачка дејност, предводена од студентите на УКЛО.
(Комерцијална објава)