X
 29.05.2018 Живот

Нееднаквоста во Индија се гледа од вселената

Дали светилките на Земјата сликани од сателит во вселената се добар начин за мерење на нееднаквоста? Економистите Правин Чакраварти и Вивек Дехеџија веруваат дека е така. Тие набавиле фотографии направени од американски сателити кои 14 пати дневно ја обиколуваат Земјата и со сензори снимаат светла.

Економистите со помош на снимките од ноќните светилки во Индија проучиле 387 од 640 окрузи во 12 сојузни држави во Индија. Тие окрузи се 85 отсто од индиското население и 80 отсто од нејзиниот БДП. Во тие окрузи се и околу 87 отсто од седиштата во парламентот. Користејќи ја новата методологија, економистите документирале разлики во примањата во Индија.

Поголемиот дел од Индија е темен навечер бидејќи има мала економска активност. Но, трагите од светлината што се гледаат од вселената покажуваат дека расте нееднаквоста меѓу сојузните држави и внатре во нив.

Околу 380 окрузи во 12 држави имале само една петтина од светлината во големите градови како Мумбај и Бангалор.

Исто така, 90 отсто од сите окрузи навечер се светли само како една третина од светлината во врвните 10 отсто од сите окрузи. А степенот се влошил во периодот меѓу 1992 (по една година откако Индија ги усвои економските реформи) и 2013 година.

Додека годините пред 1991 покажуваат скромен тренд кон конвергенција на приходите меѓу различни сојузни држави, следните години покажуваат голема дивергенција. До 2014 година, според економистите, просечно лице во трите најбогати сојузни држави (Керала, Тамил Наду, Махараштра) било трипати побогато од просечно лице во трите најсиромашни држави (Бихар, Утар Прадеш и Мадја Прадеш).

Фото: BBC

- Утврдивме дека и во државите и во окрузите на секоја држава ова е голем дисбаланс во економската активност. Не, не е дека богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни, туку дека сиромашните не се збогатуваат доволно брзо за да се намали јазот меѓу нив и оние што веќе се богати - вели Дехеџија од институтот ИДФЦ од Мумбај.

Со други зборови, помалку развиените земји заостануваат зад оние попросперитетните.

- Ова е ниво на регионална нееднаквост невидена во големи федерални држави во современата економска историја - додава Дехеџија.

Па зошто нееднаквоста во Индија расте додека се зголемува стандардот за живот? Некои економисти сметаат дека причина за тоа е лошото управување и недостигот од потребните работни квалификации во сиромашните предели, но тоа сѐ уште е загатка.

Економистите се загрижени поради ова и предупредуваат дека во големите и сложени држави како Индија оваа ситуација лесно може да доведе до социјална дисхармонија.

Дехеџија смета дека владата би можела да ги користи снимките од ноќните светилки во мерењето на економската активност во Индија.

Американската централна банка ја користи потрошувачката на електрична енергија како индикатор за економската активност.

Најновите сензори на сателитите сега можат да снимаат детали, како осветлени улици и послабо осветлени извори. Научниците развиваат нови програми и алгоритми за тие снимки да бидат појасни и поточни. Истражувачите користат снимки од ноќните светилки за да го анализираат ширењето на градовите и да ги следат промените во користењето на земјиштето. Со помош на сателитските снимки, исто така, се проценува користењето на енергијата во одреден временски период. Ноќните светилки помагаат и во следењето на состојбата во подрачјата каде што има судири или природни катастрофи.

- Со други зборови, ноќната светлина надгледувана од повеќе од 800 километри оддалеченост од површината на Земјата ни кажува повеќе за човечките активности од кој било друг извор - вели Бартенду Панди од Универзитетот „Јејл“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот