X
 12.07.2021 Наука

Почнува нова ера на вселенски патувања: Ричард Бренсон леташе до вселената

Британскиот претприемач Ричард Бренсон леташе до границата со вселената и се врати на Земјата во авион на неговата компанија „Вирџин галактик“. Ова се случи неколку дена пред летот до вселената на основачот на „Амазон“, Џеф Безос.

Бренсон ја основа „Вирџин галактик“ пред 17 години со цел да произведува комерцијални ракети и летала за туристички патувања до вселената. Во неделата тој стигна поблиску до својата цел со тоа што леташе на 88 километри над површината на Земјата и стигна до границата со вселената.

Набргу по неговиот лет, тој објави фотографија од себеси на нулта-гравитација на „Твитер“ со порака „Добре дојдовте на раѓањето на новата вселенска ера“.



Бренсон претходно откри дека имал сон да лета до вселената уште од слетувањето на првиот човек на Месечината во 1969 г.

Овој лет беше првиот тест-лет со полн екипаж на компанијата и траеше 59 минути. Бренсон, кој има 70 години, е првиот милијардер што е и астронаут. Тој пристигна на вселенскиот аеродром во Ново Мексико со велосипед.



На патувањето до вселената беше придружуван од двајца пилоти, инструктор за астронаути и двајца вработени во компанијата „Вирџин галактик“. Патувањето почна со авион кој на височина од околу 50.000 стапки испушти ракета, која потоа патуваше до вселената.


Фото: Virgin Galactic

Патувањето беше пренесувано во живо од страна на компанијата, а видеото од преносот може да го гледате во продолжение.


Извор: The Guardian
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука