X
 29.11.2017 Култура

Снобизам – болест на здравиот разум или непочитување на разликите и вредностите?

Снобизмот не е движење или став, не е ни поза, туку е синдром, дијагноза која лесно се поставува.

Во времето кога настанувал овој поим, снобизмот бил карактеристичен за меѓукласно движење, искачување од пониска во повисока класа преку образование, заслуги, манири, богатство. Оттука доаѓа  коренот на зборот сноб – sine nobilitate, што во буквален превод од латински значи: без благородност. Префиксот s.nob бил запишуван пред имињата на студентите на елитните британски универзитети што не доаѓале од благородничките семејства.

Денес, кога не можеме да зборуваме за меѓукласни движења во изворна смисла на зборот, снобизмот се изразува преку некоја форма на племенска поделба меѓу луѓето во однос на нивото на образованието, богатството, политичките убедувања, урбаноста... Материјалистички снобови, религиозни снобови, естетски снобови; ако сте ги препознале околу себе, голема е веројатноста дека и самите припаѓате на еден друг вид, таканаречен – интелектуални снобови.

Како да се препознае снобот?

Снобот користи сè околу себе – своите гаџети, своите пријатели и роднини, своите деца, своите миленици, сè... Парадира наоколу со своите репрезентативни познајници и роднини, се фали со своето потекло, доколку и тоа е репрезентативно. Ако не е, тогаш ги заборава, исто како и нерепрезентативните роднини, својата нерепрезентативна родна паланка, локалниот акцент, своето средно име, првите соседи... Многу често снобот го напушта своето родно место и се иселува во „белиот свет“ со надеж дека луѓето ќе го почитуваат и ценат според она што тој навистина е. Или накратко, сето она со што може да се гордее, станува потенцијална причина за однесување со снобовски манири: политички успех, напредување во бизнисот, некое добро дело, моралната чистина на ортодоксен верник, истрајноста во вегетаријанизмот, кафеаните кои се посетуваат, музиката што се слуша... Секој триумф над еден вид гордост раѓа нова гордост поради постигнатиот триумф.

Нови можности за модерните снобови

Денешното општество е материјалистичко и транспарентно во смисла дека секој има можност преку социјалните мрежи, барем во кругот на своите пријатели, да доживее „пет минути слава“, прикажувајќи различни моменти на „стил и успеси“, дружења со познати лица, летувања или посети на ексклузивни ресторани.

Можноста за себепромоција и создавањето илузорен култ за себе денес секому се достапни. Тенденцијата сè да се сведува на материјални придобивки е резултат на импровизираниот став дека богатството не е причина, туку плод и ефект од егзистенцијалната супериорност. На тој начин материјалното не е замена за вистинските вредности, туку стана мерка за сите вредности. Кој не се снашол, тој не заслужил да успее.

Не е потребно академско знаење од областа на општествените и социјалните феномени за да се увиди дека снобизмот секогаш оди рака под рака со дискриминацијата. Суштината е иста. На оние што според нашиот систем на вредности се над нас им се воодушевуваме и се стремиме да бидеме како нив, а другите ги дискриминираме – стари се, грди се, необразовани се, сиромашни, неспособни. Борбата што почна со почетоците на демократијата, обидот на неблагородниците преку образование и стил да се изедначат со аристократијата, дојде до степен кога секој се дефинира според она што го издвојува од другите и со кое може да се најде во некаква посебна елита.

За жал, потрошувачкиот систем подразбира дека уште од најмала возраст од децата создаваме консументи кои својот идентитет го дефинираат според работите што ги купуваат и поседуваат. Но, да се потсетиме на зборовите на Албер Ками: „Да се верува во среќа без пари е еден вид духовен снобизам“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура