Авиокомпанија од Мелбурн соопшти дека покренала истрага против пилот кој заспал во кабина на товарен авион и за 46 километри го промашил австралискиот остров на кој требало да слета.
Компанијата „Вортекс ер“ соопшти дека пилотот бил единственото лице во авионот и дека во текот на летот од Давонпорт, на северозападот на Тасманија, до островот Кинг во протокот Бас, кој ја одделува Тасманија од остатокот на Австралија, авионот бил управуван од автопилотот.
Од „Вортекс ер“ истакнаа дека пилотот заспал ненамерно и дека проблемот се јавил кога контролата на летање не успеала да стапи во контакт со него.
Од авиокомпанијата соопштија дека пилотот безбедно слетал на
островот Кинг.