X
 30.01.2019 Култура

Проект на „Линкс Студио“ од Скопје во официјална селекција на Берлинскиот филмски фестивал

Норвешкиот краток анимиран филм „Pappа“ („Татко“), кој во голем дел беше изработен во „Линкс Студио“ од Скопје, влезе во официјалната селекција на кратки филмови на Берлинскиот филмски фестивал. „Татко“ ќе ја има својата светска премиера на престижниот фестивал што ќе се одржи од 7 до 17 февруари. Филмот е во продукција од норвешката компанија „Gimpville“ од Осло.
„Линкс Студио“ е местото каде што режисерот Гоце Цветановски го работи првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“.
Извршниот продуцент на „Линкс Студио“, Марко Угарковиќ, вели дека се горди затоа што ова е прва селекција на фестивал од А-категорија, особено поради фактот што „Татко“ е во конкуренција со кратки играни филмови, а не во специјализирана селекција за анимиран жанр.



- Се надеваме дека филмот ќе има долга и успешна фестивалска кариера и дека ќе се закити со многу главни награди поради тоа што приказната е прекрасна и стилот на анимација е невообичаен, но одлично функционира со сценариото. Продуцентот од „Gimpville“ нѐ исконтактира поради изгледот на трејлерот за „Јон Вардар против Галаксијата“. Им се допадна стилот на боењето, кој им се чинеше оригинален и несекојдневен според денешните стандарди за современа анимација, па така почна нашата соработка. Брзо стана евидентно дека квалитетот на илустрирањето што го доставувавме е на многу високо ниво, па затоа одлучија да ни го доделат и остатокот од проектот, со што работевме на целиот филм и времето на соработка се зголеми од еден и пол месец на три месеци со извонредна работа на 10 артисти од нашето студио - рече Угарковиќ.
Тој објаснува дека целта на „Линкс Студио“ била да постави ефект на рачно сликан цртеж врз веќе постојните 3Д-елементи во филмот, нешто во кое артистите од ова студио веќе имаат солидно искуство со работата на „Јон Вардар“.
- Криво ми е што не можеме да споделиме ништо од филмот сѐ додека не излезе официјално во дистрибуција, но ефектот што го добивме, особено на филм кој потпаѓа под жанрот фантазија, е феноменален - додава Угарковиќ.




Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура